четврток, 9 јули 2026

На судењето за пожарот во „Пулс“ се презентираа комуникации од телефони на обвинети, одбраната бараше повторно изведување на дел од доказите

По минатонеделната презентација на СМС-пораки и вибер-комуникации со полициски началници, инспектори и вработени во секторот економија, кои, според обвинителството, праќале дојави за контроли во кочанската дискотека „Пулс“, денеска на судењето за пожарот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, Обвинителството продолжи со презентирање на екстрахирани податоци од мобилните телефони на обвинетите.

Објавено на

часот

Сподели

Во дел од пораките, обвинителството презентираше комуникации во кои стоело: „Ќе има контрола, спремни да сте“ и „Биди исправен, ќе има контрола“. Според обвинителството, вакви пораки испраќале обвинети инспектори, не само до првообвинетиот Дејан Јованов, туку и до сопственици на угостителски објекти во Штип, Кочани и други места.

Во разговорите кои беа прикажувани на видеобим, а кои обвинителството не ги коментираше детално, се појавија и приватни комуникации на дел од обвинетите. Обвинителот Владо Милошевски посочи дека приватните разговори не се релевантни за обвинението.

На претходното рочиште Обвинителството презентираше докази од екстракција и анализа на телефонската комуникација од мобилните телефони на првообвинетиот Дејан Јованов и неговиот син, обвинетиот Михајло Јованов.

Во судницата беа прикажани контакти како што биле зачувани во телефоните: „Началничка Марија“, „Цеце“, „Тодор Јованов“, „Весна Инспекторка приватен“, „Лазе Ж’ти“, „Ацо командант“, „Магдалена Лиценца“, „Вики економија“ и „Благица Диско“.

Според презентираните пораки, сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, бил предупредуван за најавени контроли, иако објектот, според обвинението, бил преполнет со гости и имал само една излезна врата.

Обвинителството продолжи со презентирање на комуникации и податоци од телефоните на повеќе обвинети лица. За телефонот на обвинетиот Јане Јанчевски од „Рубикон“, како што беше посочено, не било можно да се изврши екстракција поради видот на уредот.

Беа презентирани и разговори и пораки од телефоните на Љупчо Папазов, Ратко Димитровски и Николчо Илијев. За телефоните на Димитровски и Илијев, според обвинителството, вештачењето во МВР сè уште трае.

Од телефонот на обвинетиот Беким Хаџиу, кој комуницирал со обвинетата Размена Чекиќ Дуровиќ, двајцата вработени во Министерството за економија, беше презентирана комуникација во која се констатира дека „Пулс“ немал лиценца од 13 март 2023 година.

Во однос на обвинетиот Александар Нацев, кој негира дека е сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, обвинителството презентираше документи за сопственоста, тендери, правилници за облека, фактури и друга документација. На документите бил потпишан Јане Јанчески.

Беа прикажани и разговори меѓу Нацев и Мартин Атанасов – Буцо, во кои се разговара за фирмите кои треба да бидат внесени, како и за тоа дали дискотеката треба да биде вклучена.

Адвокатот Јовица Страшевски, како бранител во предметот, побарал повторно да се изведе доказот број 28 од точка 7, кој се однесува на екстракција на комуникации и извештаи од телефонот на обвинетиот Лазар Захариев.

Според Страшевски, овој доказ не бил изведен согласно одредбите од Законот за кривична постапка, туку бил само прелистан, без да биде прочитана неговата содржина. Тој тврди дека комуникацијата се однесува на оштетениот Александар Наунов, кој преку СМС-порака барал од обезбедувањето на „Пулс“, односно од Лазар Захариев, неговата малолетна ќерка да биде пуштена во дискотеката.

Страшевски посочил дека одбраната побарала доказот повторно да биде изведен согласно законската постапка, но тоа не било прифатено. Според него, овој доказ не бил доставен до одбраната ниту се наоѓал во списите на предметот, поради што било побарано да се овозможи увид во текот на паузата од судењето.

Адвокатот во своето обраќање посочил и дека Александар Наунов, кој јавно ги критикувал обвинетите и бранителите преку медиуми и интернет-портали, според него, не ја прикажува целосната слика за случајот.

„Вистината е поинаква, бидејќи истиот тој барал неговата малолетна ќерка да биде пуштена во ‘Пулс’“, тврди Страшевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ