На празниот кампус на УКИМ дојдоа новинарски екипи да го проследат настанот, но беа избркани од неколкумина млади луѓе кои извикуваа дека не сакаат настанот да се снима и фотографира дофрлувајќи дека не ги сакаат новинарите затоа што се платеници.
Набргу потоа до медиумите стигна допис од иста е-адреса и со исто лого на Независниот студентски сојуз во кој се наведува дека биле препознати сите намери за политизација и мешање во искреното студентско движење и оти „фијаското на денешниот протест нанесе штета врз угледот на студентите“.
„Денешниот собир е директен доказ дека студентите не сакаат политичка инволвираност во искажувањето на своите ставови и беше обид политичката партија Левица да го киднапира искрениот студентски крик! Студентите денес го препознаа политикантството и одлучија да не учествуваат во ова фијаско. НСС УКИМ ќе поднесе кривична пријава за вчерашното лажно претставување во наше име и ширење изјави во јавноста“, пишува во дописот.
Оттаму апелираат политиката да се тргне настрана, а кога ќе биде обезбедено делување независно од политиката ќе биде соопштени и ставот за идните чекори.
За вечерва во 18:59 часот во Скопје е закажан протестен марш организиран од иницијативата „Кој е следен?“ за што, како што соопшти СВР Скопје, ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во центарот на главниот град.