петок, 29 мај 2026

На Богорoдица повторно долги колони возила за влез во Грција

Новиот европски EEС систем за дигитална контрола на граници и овој продолжен викенд предизвика километарски колони и повеќечасовни чекања на премините од Македонија кон Грција. Вчера на граничниот премин Богородица со часови се чекаше за премин на македонско-грчката граница.

Објавено на

часот

Сподели

И покрај тоа што на грчката страна на границата сите осум премини работеа, контролата на патниците со ЕЕС системот повторно предизвика да се создадат километарски колони возила. На ова веќе подолг период укажуваат сите земји членки на ЕУ каде туризмот е развиен (Италија, Шпанија, Франција, Грција…), и земјите кои не се членки на ЕУ како на пример Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, но одговорот од Брисел е дека системот мора да се применува.

Чекањето на границата кон Грција веќе стана редовна појава откако почнаа да се применуваат новите европски правила за влез и излез.

Министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисоходис вчера изјави дека примената на овој систем ќе продолжи и покрај поплаките кои стигнале од други земји. За долгото чекање, објасни дека е поради самиот процес кој одзема време, но и поради застарената грчка инфраструктура. „Знам дека има поплаки. Имам добиено поплаки и од моите колеги од Северна Македонија и од Србија. Станува збор за прашање што има два аспекти. Првиот се однесува на новиот начин на влез во земјите на Европската Унија, т.н. влез-излез систем. Многу ми е жал, но треба да ја имплементираме европската легислатива. Европската комисија инсистира на целосна примена, што значи дека секој државјанин од трета земја, како и полицаецот што го контролира, треба да потроши неколку секунди или минути“, рече Хрисохоидис.

EEС е нов дигитален систем на Европската Унија кој ја заменува класичната контрола со печати во пасошите. Наместо тоа, за државјаните од земји што не се членки на ЕУ и Шенген-зоната, како Македонија, сега се врши електронска регистрација, фотографирање и земање отпечатоци од прсти при првиот влез. Целта на системот е подобра контрола на престојот во ЕУ, спречување злоупотреби и зајакнување на безбедноста на границите.

Ако грчките власти не ги зголемат капацитетите на премините пред шпицот на летната сезона, EEС системот може да стане едно од најголемите тесни грла за туристите од Балканот ова лето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ