понеделник, 29 јуни 2026

Муцунски – Будрис: Актуелните геополитички состојби бараат јасна ориентација кон европските вредности

Продлабочување на политичките и економските односи, зајакнување на евроатлантската соработка и силна поддршка за европската интеграција на Македонија биле во фокусот на денешната средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на земјава.

Објавено на

часот

Сподели

Како што изјавија за медиуми по средбата, двајцата министри констатирале дека билатералните односи се одлични, со потенцијал за понатамошно продлабочување, особено во економската и трговската соработка. Било нагласено дека отворањето на Македонска амбасада во Вилнус претставува значаен чекор за унапредување на партнерството, додека Литванија останува силен поддржувач на евроинтегративниот процес на земјава. Воедно, заеднички било оценето дека актуелните геополитички состојби бараат единство, засилена соработка и јасна ориентација кон европските вредности.

Министерот Муцунски во изјава по средбата истакна дека односите со Литванија се темелат на заеднички вредности и стратегиска ориентација.

„Литванија е земја со која што споделуваме јасна стратегиска ориентација, силна евроатлантска припадност и разбирање дека слободата, суверенитетот и безбедноста не се даваат еднаш засекогаш, туку се бранат секојдневно со многу одлуки, принципиелна политика и со силни сојузници. Денешната посета следува по мојата минатогодишна посета на Литванија и по редовните политички консултации кои се одржуваат меѓу нашите две министерства“, рече Муцунски.

Тој оцени дека посетата претставува нов импулс во билатералните односи и нагласи дека се отвораат нови можности за соработка.

„Ја гледам како важен чекор кон продлабочување на политичкиот дијалог на високо ниво и како потврда дека односите на нашите две држави добиваат нова динамика. Со министерот Будрис разговаравме за можностите за поинтензивна политичка, економска и секторска соработка, како и за реализација на конкретни иницијативи во периодот што следи. Во таа насока, отворањето на Македонска амбасада во Вилнус претставува значаен чекор напред“, изјави министерот.

Муцунски ја потенцираше и поддршката од Литванија за европскиот пат на земјава.

„Посебно сакам да ја истакнам принципиелната и континуираната поддршка што Литванија ѝ ја дава на нашата држава во процесот на нејзината европска интеграција. За тоа сме искрено благодарни. Недвосмислено сакам да пренесам став дека напредокот на нашиот европски пат не е само исполнување на една долгорочна стратегиска цел. Тоа е прашање кое има пошироко безбедносно и геостратегиско значење. Нашето место е во Европската Унија“, нагласи тој.

 

Министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, во своето обраќање истакна дека постои силна политичка и историска блискост меѓу двете земји и ја повтори поддршката за интеграцијата на државава во ЕУ.

„Навистина ми е драго што сум тука во овој важен момент, бидејќи нашите земји можеби изгледаат географски оддалечени една од друга, иако нашата понова историја е многу слична. И двете ја вративме својата независност на почетокот на 90-тите години. Потоа јасно го избравме нашиот стратешки пат кон евроатлантска интеграција. И двете знаеме што значи да се брани слободата и колку е важно меѓународното право и почитувањето на основните принципи и вредности што ги споделуваме“, рече Будрис.

Тој најави дека проширувањето на ЕУ ќе биде еден од приоритетите за време на претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.

„Како што започнуваме со нашето претседавање со Советот на Европската Унија од 1 јануари 2027 година, проширувањето ќе биде еден од нашите главни приоритети, заедно со надворешната и внатрешната безбедност. Цврсто верувам во силна Европска Унија како геополитички фактор. За да бидеме геополитички фактор, мора да бидеме поголеми, мора да ја вклучиме цела Европа и да ги вклучиме земјите-кандидати, особено оние што предолго чекаат“, истакна литванскиот министер.

Будрис ја повтори и поддршката за реформските процеси во земјава.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ