понеделник, 29 јуни 2026

Левица: Ребалансот на Буџетот носи поголем дефицит без јасен план за економски развој

Најавениот ребаланс на Буџетот, кој веќе е доставен во собраниска процедура, уште еднаш ја потврдува погрешната економска политика на Владата, оценуваат од Левица. Според партијата, наместо јасна стратегија за развој на домашното производство, подобрување на животниот стандард и намалување на социјалните нееднаквости, Владата повторно се одлучува за зголемување на буџетскиот дефицит без да ги образложи долгорочните ефекти врз економијата.

Објавено на

часот

Сподели

Од Левица посочуваат дека Владата очекува граѓаните да веруваат дека новото задолжување ќе донесе развој, но, како што велат, не нуди конкретни анализи, мерливи цели и гаранции дека дополнителните средства ќе создадат нова вредност и подобар животен стандард.

Партијата предупредува дека зголемувањето на буџетскиот дефицит отвора сериозни економски и политички прашања, особено ако се има предвид неодамнешната изјава на премиерот дека Владата ќе работи на негово намалување.

Во соопштението се наведува дека иако министерката за финансии објаснува оти дефицитот ќе се зголеми поради финансирање на капитални инвестиции, јавноста сè уште нема информации каков ќе биде нивниот реален ефект врз економскиот раст, продуктивноста и животниот стандард. Од Левица бараат да се објават податоци за тоа колку средства ќе завршат кај домашните компании, колку нови работни места ќе бидат отворени и дали инвестициите ќе придонесат за развој на домашното производство, земјоделството и малите и средните претпријатија.

Дополнително, партијата смета дека е загрижувачки што Владата признава пад на приходите, а истовремено предлага зголемување на буџетскиот дефицит. Наместо дебата за поправедна даночна политика и поголемо учество на најпрофитабилните компании и најбогатите во финансирањето на јавните потреби, според Левица, државата и понатаму се потпира на индиректни даноци кои најмногу ги погодуваат работниците, пензионерите и средната класа.

Од партијата оценуваат дека во ребалансот речиси и да нема мерки насочени кон подобрување на животниот стандард, намалување на сиромаштијата и економската нееднаквост. Потсетуваат дека Буџетот не е само финансиски документ, туку клучен инструмент преку кој државата ги определува своите економски и социјални приоритети.

Левица предупредува дека без јасен план за економски поврат, без структурни мерки за развој на домашната економија и без социјална компонента што ќе обезбеди поправедна распределба на создаденото богатство, постои опасност ребалансот да се претвори во уште едно краткорочно фискално решение, чии последици на крајот ќе ги сносат граѓаните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ