Од коалицијата наведуваат дека пред две години ја презеле одговорноста да ја вратат довербата на граѓаните во институциите, не преку ветувања, туку преку спроведување конкретни одлуки, реализација на проекти и постигнување резултати што, како што велат, го подобруваат секојдневниот живот на граѓаните.
Според Влен, во изминатите 24 месеци се реализирани реформи и проекти кои со години останувале само на ниво на ветувања. Посочуваат дека биле донесени закони од стратешко значење, реализирани инвестиции во општините со албанско население и обезбедена поддршка за економијата, образованието, здравството, земјоделството и локалниот развој, како и инфраструктурни проекти што ја подобруваат состојбата на терен.
Во соопштението се наведува дека значаен дел од процесот било и унапредувањето на застапеноста и улогата на Албанците во државните институции, како и зајакнувањето на нивниот глас во процесот на донесување одлуки. Од Влен оценуваат дека нивното учество придонело застапеноста да се претвори во конкретна пракса и да се зголеми институционалното влијание на локално и државно ниво.
Од коалицијата истакнуваат дека билансот од изминатите две години покажува дека промените се постигнуваат со работа, одговорност и конкретни резултати, а не со реторика. Порачуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со, како што наведуваат, поголема одговорност, поефикасно работење и повеќе резултати во интерес на сите граѓани.






