„Секој ден, од 11:00 до 13:00 часот, граѓаните ќе можат бесплатно да добијат совети и здравствени услуги на следните локации: Парк Чаир – медицински тим од Здравствен дом Скопје, Стара чаршија (пред Мустафа-пашината џамија) – медицински тим од Здравствен дом Скопје и во Парк ‘Ринија’ – лекари епидемиолози од Центарот за јавно здравје – Скопје“, соопшти општинската прес-служба.
Од општината информираат дека граѓаните на сите пунктови ќе можат бесплатно да добијат: совети за заштита од високите летни температури; мерење на крвен притисок; мерење на шеќер во крвта; совети за соодветна облека и заштита во текот на топлите денови и едукативни брошури со практични препораки за зачувување на здравјето.
Во рамки на активностите, претставници на Општина Чаир, во соработка со Црвениот крст, ќе делат шишиња со вода на најфреквентните локации, со цел поттикнување на навремена хидратација и превенција од негативните последици на високите температури.
Целта на овие активности, како што посочуваат од Општина Чаир, е навремена превенција, информирање и поддршка на граѓаните во периодот на летните горештини, со посебен акцент на најранливите категории.
„Преку овие пунктови, граѓаните кои живеат или се движат во нивна близина ќе имаат можност да направат основни здравствени проверки, да добијат стручни совети од медицинските тимови и да се информираат за превентивните мерки за заштита и зачувување на здравјето во денови со високи температури. Превенцијата е најдобрата заштита. Чаир во ритамот на здравјето – затоа што здравјето на граѓаните е наш највисок приоритет!“, информираат од Општина Чаир.






