четврток, 14 мај 2026
Интервју

Канг: Генеративната ВИ го менува општеството, но најважните одлуките мора да ги носи човекот

Во време кога вештачката интелигенција, алгоритмите и дигиталните платформи сè повеќе влијаат врз начинот на кој општеството размислува, учи и носи одлуки, прашањето како се создава знаењето станува едно од клучните прашања на современиот свет. Токму со оваа тема речиси четири децении се занимава професорот Оујанг Канг, декан на кинескиот Институт за државно управување при Хуажонг универзитетот за наука и технологија и директор на Институтот за филозофија од Вухан, еден од основачите на социјалната епистемологија во Кина — филозофска дисциплина што истражува како луѓето и општествата го создаваат и разбираат знаењето. Тој деновиве имаше предавање во МАНУ.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за МКД.мк, професорот Канг зборува за развојот на интердисциплинарното образование, поврзувањето на хуманистичките науки со технологијата и медицината, улогата на универзитетите во модерното општество, но и за предизвиците што ги носи ерата на вештачката, особено генеративната вештачка интелигенција. Тој се осврнува и на можностите за продлабочување на академската и економската соработка меѓу Кина и Македонија, преку размена на студенти, научници и инвестиции.

Професоре Канг, Вие сте декан на кинескиот Институт за државно управување при Хуажонг универзитетот за наука и технологија и директор на Институтот за филозофија од Вухан. Професор сте по филозофија со акцент на социјалната епистемологија. Вашите академски истражувања се насочени и кон проучување на генеративната вештачка интелигенција. Кои се најголемите предизвици за социјалната епистемологија во време на оваа дигитална ера?

– Најголемиот предизвик е комплексноста. Од една страна, генеративната вештачка интелигенција ја подобрува нашата способност за размислување, пресметка и управување. Но од друга страна, носи и ризици поврзани со податоци, пресметки, методологии и информации. Затоа, клучно е како ќе се справиме со овие предизвици. Социјалната епистемологија има задача да им помогне на луѓето да станат помудри, да живеат подобро и поефикасно да управуваат со општеството. Таа треба да придонесе за поголема свесност, попрецизна самопроценка и подобро разбирање на сопствената улога во општеството. Тоа е нашата цел.

Како ја гледате улогата на филозофијата денес, во време кога вештачката интелигенција сè повеќе го обликува нашиот живот?

– Филозофијата отсекогаш се занимава со новите појави, новите технологии и цивилизациските промени. Таа се фокусира на разбирање на новото. Денес, високата технологија е една од најзначајните појави, бидејќи ги менува општествената и цивилизациската реалност. Особено социјалната епистемологија се занимава со овие нови состојби. Генеративната вештачка интелигенција веќе го менува општеството и животот на луѓето. Порано зборувавме за природен свет, општествен свет и приватен, односно домашен свет. Но денес имаме и четврти, тоа е светот на податоците. За да ја разбереме природата, општеството и самите себе, мора најпрво да ги разбереме податоците, бидејќи сè станува дигитализирано. Тоа е една од главните задачи на современата филозофија. Се обидуваме да разбереме што претставува највисоката мудрост, дали човекот или генеративната вештачка интелигенција, и како тие меѓусебно се надополнуваат и придонесуваат за цивилизацискиот развој. Тоа е фокусот на филозофијата, особено на социјалната епистемологија.

Како декан на Институтот за државно управување, како го дефинирате современо управување?

– Мислам дека постојат неколку клучни елементи. Прво, потребно е да се постават јасни и квалитетни цели, општеството да биде помирно, побезбедно, праведно, засновано на владеење на правото, еднаквост, добар стандард и слично. Тоа треба да бидат целите на управувањето и да ја насочуваат државата во вистинската насока. Второ, потребен е добар систем што функционира на различни нивоа, во различни области и институции. Сите тие треба да дејствуваат на современ начин. Трето, неопходни се квалитетни политики и процеси на донесување одлуки. Кога се соочуваме со предизвици, треба да знаеме како да ги разбереме — нивната природа, причините, последиците, тешкотиите и можните исходи. Само така може да се донесуваат добри одлуки. Четврто, многу е важно да се знае што мислат луѓето. Доброто управување треба да се темели на потребите и ставовите на граѓаните. Со помош на високите технологии може попрецизно да се утврдат јавните ставови, трендовите и движењата во општеството. И конечно, треба постојано да се преиспитуваат политиките, законите и одлуките, за тие да стануваат сè подобри. Тоа значи унапредување на процесот на одлучување. Во суштина, ние постојано се занимаваме со важните проблеми со кои се соочуваме и се фокусираме на тоа како да се справиме со нив, како да одговориме на предизвиците и како да обезбедиме подобро управување. Тоа е навистина клучно.

Дали имате директна соработка со државните институции, невладини организации или други релевантни тела? И дали тие ги земаат предвид вашите препораки?

– Да, секако. Лично сум вклучен во различни нивоа на процесите на донесување одлуки. На национално ниво сум член на Телото за академска евалуација, што е едно од највисоките академски нивоа во Кина.

Во областа на образованието сум член на Комитетот за општествени науки при државниот ресор за образование, каде што често се бараат мислења и совети. Исто така сум член и на провинциската влада, каде што давам препораки за локалното управување. Бев и заменик-ректор на Универзитетот за наука и технологија Хуажонг. Тоа ми овозможи директно да влијаам врз процесите на одлучување. Преку предавања, извештаи и специјални анализи, подготвуваме предлози за решавање важни општествени прашања, кои се доставуваат до различни институции и помагаат при носењето одлуки. Имаме повеќе начини да придонесеме во градското и провинциското управување, како и во образованието. Се трудиме постојано да напредуваме во тоа.

Реалноста е дека живееме во ера на вештачка, односно генеративна вештачка интелигенција. Вашите истражувања често се поврзани со односот меѓу знаењето, општеството и технологијата. Каде денес го гледате балансот?

– За ова прашање зборував на моето предавање во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на 29 април. Моето предавање, всушност, беше фокусирано на генеративната интелигенција, односно вештачката интелигенција. Тоа не е општа вештачка интелигенција, туку генеративна интелигенција. Зошто се фокусирам на ова? Затоа што сметам дека станува збор за нов феномен, нова технологија, но и за ново општество и нов свет што се создаваат во нашето време. Ова има влијание врз целиот свет, и во развиените, но и во другите земји. Затоа треба да се фокусираме на оваа нова појава, особено на нејзиното влијание врз производството, комуникацијата, секојдневниот живот на луѓето, како и врз државното и урбаното управување. Сметам дека тоа е најважниот контекст.

Како да се постигне рамнотежа меѓу технологијата и доброто управување? Можеби и во однос на луѓето и комуникацијата?

– Многу добро прашање. Бидејќи општеството веќе се менува под влијание на високите технологии, особено генеративната вештачка интелигенција, луѓето во секојдневниот живот ги менуваат своите модели и начини на функционирање. Денес многумина користат висока технологија за работа, за наоѓање работа, за решавање општествени прашања и за културен напредок. Всушност, високата технологија веќе ни создаде нов свет. Секој човек треба да биде дел од тој свет. Колку побрзо се вклучи, толку повеќе можности има да учествува во општествениот напредок, да напредува професионално и да има корист од развојот на општеството. Ова е предизвик не само за креаторите на технологии, туку и за сите членови на општеството. Ова им дава и на владите и на граѓаните повеќе можности, но и повеќе предизвици.

На пример, за управувачите, државата, администрацијата, политичките лидери, важно е да разберат што навистина се случува во општеството, како луѓето комуницираат и како се разбираат меѓусебно. Исто така, важно е да се сфати како луѓето го доживуваат општествениот напредок, врз основа на користењето на високата технологија. Ако користат повеќе технологија, ќе имаат подобро разбирање за општеството. Ако користат помалку, може да се создаде дистанца меѓу нив и другите луѓе. Затоа владите треба да посветат внимание на ова. Тие исто така треба да користат ‘големи податоци’ и генеративна интелигенција во администрацијата, бидејќи тоа е моќна алатка за анализа и статистика. Така владата може појасно да разбере што навистина се случува во општеството. Јас секогаш се залагам за интелигентно управување, тоа е многу важно.

Што мислите, каде е местото на човековата мисла во време кога сè повеќе доминира вештачката интелигенција? Дали таа може да ги замени човековата мисла и неговата работа?

– Сметам дека вештачката интелигенција, особено генеративната, ќе помогне во развојот на човековата мудрост. Таа може значително да ни помогне, да гледаме подалеку и подетално, да слушаме повеќе, да перципираме повеќе нијанси и дури симболично да ‘вкусиме’ повеќе различни искуства. Тоа е предизвик, но и голема поддршка. Пред сè, генеративната вештачка интелигенција претставува значаен напредок за човечката мудрост, бидејќи ни овозможува подлабоко и појасно да го разбереме светот, како и самите себеси. Со својата пресметковна моќ, таа помага побрзо и попрецизно да размислуваме, да ги откриваме законитостите, логиката, внатрешните поврзаности, правците на развој и промените, особено во секојдневниот живот. Но не верувам дека ќе ја замени човечката мудрост, бидејќи генеративната вештачка интелигенција е алатка, а не самосвест. Човекот не е само мислење и перцепција, тој има свест, самосвест, способност за вредносно судење и донесување одлуки. Да, генеративната вештачка интелигенција може да ни помогне, но не може да нè замени. Сè уште ни се потребни размислување, чувства, самоспознавање и меѓусебно разбирање за вистински да го сфатиме значењето на светот. Затоа, генеративната вештачка интелигенција е силен и корисен помошник, но не и замена за човекот. Можеме да ја користиме за сопствен напредок и за развој на општеството, но најважните одлуки секогаш треба да ги носи човекот.

Што би им препорачале на македонските власти?

– Во однос на Македонија, важно е да се зајакне соработката меѓу двете земји. Кина нуди многу можности за соработка, инвестиции и развој, особено преку иницијативата ‘Појас и пат’. Би било добро да се продлабочи соработката, да се привлечат кинески инвестиции, компании и академски кадар. Исто така, важно е да има повеќе размена на студенти и професори. Што се однесува до македонските институции, сметам дека треба да продолжат со развојот, да бидат отворени кон светот, вклучително и кон Кина, и да одржуваат баланс меѓу различните региони и системи. И покрај разликите во политичките системи, Кина ги почитува одлуките на другите земји, што овозможува добра соработка. Поголемата отвореност и соработка би донеле придобивки за двете страни.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ