На настанот присуствуваа претставници на институциите, амбасадори, членови на бизнис заедницата, партнери, медиуми и гости, како и претставници на SPAR International и менаџментот на SPAR Македонија.
Славица Блажева, комерцијален директор на SPAR Македонија, истакна дека доаѓањето на SPAR претставува почеток на долгорочна трансформација на малопродажниот пазар и силна инвестиција во економскиот развој на земјата.
„Денес не се случува само отворање на маркет. Денес означуваме трансформација – нови стандарди, нов пристап и нова вредност за македонските потрошувачи. Со гордост можам да кажам – гигантот пристигна“, изјави Блажева.
Од SPAR соопштија дека влезот на SPAR на македонскиот пазар е поддржан со инвестиција од 45 милиони евра во следните три години, што ја потврдува силната доверба на компанијата во економскиот потенцијал и идните можности за раст на земјата.
Како дел од овој инвестициски циклус, околу 15 милиони евра ќе бидат наменети за отворање нови маркети и ребрендирање на постоечките малопродажни локации низ земјата во современи објекти со европски стандарди, подобрени услови за потрошувачите и внимателно одбран асортиман.
Компанијата ќе инвестира околу 30 милиони евра во изградба на нов современ логистички центар со површина од над 40.000 квадратни метри. Новиот логистички центар ќе воспостави интегриран синџир на снабдување поддржан од модерна инфраструктура, напредна технологија и нови оперативни стандарди, со што ќе се зголемат ефикасноста, достапноста на производите и долгорочниот развој на малопродажниот пазар во Македонија. Проектот се очекува да отвори приближно 400 нови работни места.

„Она што нè прави особено горди е што Шпар не влегува на пазарот како непознат нов играч, туку преку искусен регионален партнер со долгогодишно успешно работење во малопродажба. Ова носи стабилност, експертиза и сигурност дека ќе воведеме докажани практики, повисоки стандарди и подобри услови во македонскиот малопродажен сектор“, додаваат од Шпар.
„Приватната марка Шпар не е само гаранција за висок квалитет и прифатливи цени, туку и конкретна можност за соработка со македонските производители. Со вклучување на домашни компании во развојот и производството на Шпар производи, директно ќе придонесеме за раст на локалната економија, ќе создадеме можности за мали и средни бизниси и ќе поддржиме отворање нови работни места во различни сектори“, велат од Шпар Македонија.
Покрај илјадниците интернационални производи, SPAR маркетите ќе понудат и свежи, локално произведени производи, обезбедувајќи поголем избор, висок квалитет и посилна поддршка за домашните производители.
Блажева нагласи дека Шпар Македонија останува посветена на обезбедување најдобра вредност за парите преку конкурентни цени, промотивни понуди и силен фокус на свежина, квалитет, услуга и корисничко искуство.
„SPAR не е само мрежа на продавници. SPAR Македонија е партнер на потрошувачите, производителите и економијата. Сакаме SPAR да биде препознатлив по вредностите најважни за заедницата: свежина, вредност, квалитет, избор и услуга. Тоа не се само малопродажни принципи, туку заложби што ќе го водат секој маркет, секој вработен и секое искуство што ќе го создадеме за нашите потрошувачи“, истакнаа од SPAR.
Првите маркети на Шпар официјално ќе почнат со работа на 14 мај (четврток), кога Интершпар маркетот во Retail Fresh Store и SPAR маркетот во Џевахир мол ќе ги отворат вратите за сите потрошувачи, соопшти компанијата.






