недела, 14 јуни 2026

Ивановска: Фантомски вработувања ќе има сè додека политиката го диктира вработувањето во администрацијата

Билјана Ивановска, долгогодишен ревизор и економист од Скопје, е позната како еден од поизразените гласови против корупцијата во јавниот сектор. Со децении искуство во државните институции, таа изгради кариера во Собранието, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, каде што учествувала во многубројни ревизии на клучни државни институции. Поврзана е и со работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, каде што во периодот на нејзиното ангажирање била меѓу поактивните застапници за поголема транспарентност и отчетност. Во своите настапи, и во минатото и сега, нашата соговорничка јавно укажува на проблемите во системот, особено на појави на злоупотреби и случаи каде што, како што посочува, „луѓе земаат плата без да се појавуваат на работа“. Со неа отворено зборуваме за борбата против корупцијата и за тоа дека таа мора да биде постојана и институционално засилена, заради враќање на довербата во државниот систем и вредностите на законитост и одговорност.

Објавено на

часот

Сподели

Во ревизорскиот извештај за Владата од 2007 година се забележува дека имало лица што примале плата, а не можеле ниту физички да бидат сместени на работните места. Денес, речиси две децении подоцна, повторно слушаме за луѓе што земаат плата без реален работен ангажман. Што ни кажува тоа за државниот систем?

– За жал во нашето општество, државниот систем, главно граден од политичките партии, е ранлив од корупција, бидејќи најголем дел од тие што го управуваат работат за лични или партиски интереси, притоа злоупотребувајќи ја својата работна позиција и функција.

Целта за ваквото однесување е градење клиентелистички односи со граѓаните, ветувајќи вработувања, и градење сигурно гласачко тело. Ова е вртење во круг, преживување од избори до избори, предизвикувајќи апатија кај голем број граѓани што не се политички определени, и што е најтажно, одлив на човечки капитал, т.е. иселување на младата популација, за чие образование се вложувало во државата, но бенефитите ги користат други западноевропски држави. Сѐ додека политичките партии се залагаат исклучиво само за своите поддржувачи и партиски цели, овој проблем останува, но со сѐ подлабоки корени.

Дали сме сведоци на ист проблем што со години само ги менува формите, а суштински никогаш не е решен, и како е можно вакви појави да се повторуваат со години без никој да сноси сериозна одговорност?

– Можно е, затоа што заднинските политички мрежи се силно развиени, а корупцијата цвета во такви услови.

Кога првпат како антикорупционерка или како ревизорка се соочивте со случаи на лица што примаат плата, а практично не работат, и што Ве изненади најмногу тогаш?

– За прв пат оваа аномалија ја откривме во ревизијата за 2007 година што ја правевме во Генералниот секретаријат на Владата. Имено, за спроведување на потпрограмата К5- Соодветна и правична застапеност на заедниците, Владата донела политичка одлука за вработувања без при тоа Комитетот на министри да изврши анализа на потребите, односно на систематизирани, а непополнети работни места, за што всушност бил задолжен, а се вработувале лица и со несоодветна стручна подготовка, за кои немало простор ни каде да седнат да работат. Основен критериум за новите вработувања е процентуалната застапеност на заедниците. Оттогаш ваквиот начин на вработување е воспоставена практика, што го зголемува проблемот од година во година, дотолку повеќе што предизвикува штета на буџетот поради исплата на плата за неизвршена задача. Само во 2007 година по оваа основа беа исплатени близу 8 милиони денари.

Ако денес ги споредите состојбите со тие од пред 15 или 20 години, дали има реален напредок или само се менуваат механизмите преку кои се злоупотребува системот?

– Механизмите само се усовршуваат. Во 2020 година се донесе Законот за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците (Сл. весник на РМ бр. 302/2020 од 18.12.2020), со цел да ги прераспредели нераспоредените административни службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вработени преку програмата за соодветна и правична застапеност, Програма К-5, во органите на државната и на локалната власт. Станува збор за lex specialis закон за преземање на службениците со кој се дерогираат останатите прописи во таа насока, особено од Законот за работните односи, Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, чии одредби укажуваат на дисциплинска одговорност и целосно прекинување на работниот однос во случај кога работникот не доаѓа на работа.

Ваквото прецизно и наменско регулирање на определено подрачје со посебен закон во правото е практика што генерално треба да се избегнува бидејќи може да предизвика повеќе несакани ефекти. Самиот закон претставува ризик од корупција, бидејќи овозможува заобиколување на низа други позитивни законски одредби, а со цел да се задржи противправна корист за трето лице и воедно е спротивен на принципите на добро управување и владеење, бидејќи го охрабрува задржувањето на непродуктивните вработени во јавната администрација.

Политичките партии ли се тие што сè уште имаат пресудно влијание врз вработувањата и кадровската политика во институциите?

– За жал, да.

Колку политиката се меша во работата на администрацијата и дали токму тоа создава простор за појава на „фантомски“ вработувања?

– Борбата е да се освои власт, а за тоа се користат разни начини, меѓу кои најраспространет и најманипулативен е градењето клиентелизам за собирање гласови на избори. Но последиците се многу потешки бидејќи илјадници луѓе си заминаа од земјава не сакајќи да се вплеткуваат во политичките игри.

Кој всушност им го овозможува тој комфор на луѓето што со години земаат плата без да одат на работа – раководителите, политичарите или целиот систем?

– Целиот систем, оти вообичаено раководителите се назначени од партијата што е на власт, од која добиваат насоки како да постапуваат. Затоа администрацијата постојано трпи критика од ЕК, дека е гломазна, но не и доволно професионална.

Можно е ваква појава да постои без знаење на претпоставените и директорите?

– Не верувам дека има директор или претпоставен што не знае што му се случува во институцијата. Доколку има таков случај, очигледно одговорното лице не си ја врши работата како што треба.

Што зборува за институционалната култура фактот дека дел од луѓето воопшто не се плашат дека ќе бидат откриени?

– За жал, кога етичката свест е на ниско ниво, лошите примери земаат замав, а лицата се затскриваат зад дискреционата моќ на тој што тоа им го дозволува.

Се чини дека во Македонија повеќе не е проблем откривањето на злоупотребите, туку неказнивоста по нивното откривање?

– Да. Неказнивоста е посебен проблем. Доколку успееме да се справиме со неказнивоста нема да има толку злоупотреби, бидејќи за секоја злоупотреба казната ќе си биде извесна.

Каква порака се испраќа до граѓаните што секојдневно одат на работа кога гледаат дека некој друг прима плата без да работи?

– За жал, пораката е многу лоша, но тоа што ги штити е нивната професионалност и интегритет. Тоа не се продава за ниту една пара. Токму тие лица се најголемата надеж – тие што најмногу треба да се изборат за правда и без исклучок да пријавуваат злоупотреби.

Дали ваквите случаи треба да се третираат како корупција, злоупотреба на службена положба или како организирано оштетување на буџетот?

– Корупција претставува секоја злоупотреба на службената должност за стекнување противправна лична корист на поединец или група на штета на јавните финансии и воопшто, на јавниот интерес во земјата.

Системот очигледно потфрла, но каде, во контролите, инспекциите, обвинителството или во политичката волја, и дали само тој?

– Не е системот толку лошо дизајниран колку што потфрлува човечкиот фактор што треба да го спроведе. За жал, сведоци сме на загубени вредности поради непочитување во секоја смисла, непочитување на законите, на институциите, меѓусебно непочитување, а причината за тоа е политичката волја, која не само што е креатор на закони по мера, туку се става над законите, па и тие што важат често не се почитуваат.

Катерина Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ