недела, 14 јуни 2026

Калоѓера: Никогаш не би дозволил Бугарите да влезат во македонскиот Устав

Лично, никогаш не би дозволил Бугарите да влезат во македонскиот Устав. Постојат многу причини, во ред, можеме да гледаме кон иднината, но не според бугарското мислење и диктатите на ЕУ, напиша на својот фејсбук-профил хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав. Тој беше и почесен конзул на Македонија во Ријека.

Објавено на

часот

Сподели

Неговиот пост го пренесуваме во целост:

„Можеби ќе се јавев порано, но какофонијата што ја слушам и читам, а која доаѓа од македонските политички и други кругови, во врска со бугарските тенденции во однос оспорувањето на влезот на Македонија во ЕУ, едноставно ме блокира. Кому да верувам, се прашувам себеси и на крајот заклучувам – на самиот себеси и на своето четириесетгодишно искуство и знаење што ги имам за Македонија.

Лично, никогаш не би дозволил Бугарите да влезат во македонскиот устав. Постојат многу причини, во ред, можеме да гледаме кон иднината, но не според бугарското мислење и диктатите на ЕУ. Не би им дозволил влез уште од моментот кога Чолаков, на барање на Штросмаер, ги вметна тие четириесетина песни во Зборникот на браќата Миладиновци, што им даде можност на бугарските научници да го оспорат македонското извориште на Зборникот. Не би им дозволил поради обидите за асимилација на Македонците со помош на бугарската црква, да се откажат од своето потекло и да станат Бугари. Не би им дозволил поради предавството на Илинденското востание, не би им дозволил поради дивеењето на Тодор Александров кој сееше смрт низ цела Македонија, не би им дозволил поради потиснувањето на списанијата со македонска ориентација во Софија и убиството на низа македонски интелектуалци, на пример, Коле Неделковски и голем број други, не би им дозволил поради учеството во Втората светска војна на страната на фашистичка Германија и теророт врз Македонците, не би им дозволил поради зачестеното опструирање на македонското национално битие, на неговиот јазик и култура. Не би.

Но, јас тука не можам ништо, ова е само поглед отстрана на пријател кому му значи Македонија да остане Македонија“, објави на фејсбук Калоѓера.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ