недела, 14 јуни 2026

По повеќе од пет децении – Њујорк е НБА шампион (ВИДЕО)

По повеќе од пет децении чекање, Њујорк Никс се нови шампиони во НБА лигата. Во петтиот натпревар од финалето, одигран во Сан Антонио, Никс ги совладаа домашните Спарс со 94-90. Со вкупни 4-1 во серијата, стигнаа до својата прва шампионска титула уште од далечната 1973 година. Апсолутен херој на победата беше неверојатниот Џејлен Брансон со 45 постигнати поени.

Објавено на

часот

Сподели

Никс влегоа во натпреварот со лош шут, погодувајќи само четири од 22 обиди во првата четвртина, која ја завршија со скромни 13 поени. Од друга страна, Спарси, носени од домашната публика и одличната одбрана на Виктор Вембанјама (кој во првите четири минути забележа три блокади), рано создадоа двоцифрена предност. Нападот на Сан Антонио во првото полувреме го предводеше Дилан Харпер, кој влезе од клупата, донесе енергија и до полувремето постигна 11 поени.

И покрај катастрофалниот шут од 29.5 отсто, Никс благодарение на Џејлен Брансон – кој постигна 16 од 37. поени на својата екипа во првиот дел, на одмор заминаа со поднослива негатива од само пет поени (37:42).

Третата четвртина донесе продолжување на неизвесноста. Спарс во еден момент, по неспортска лична грешка врз Вембанјама, во еден посед постигнаа дури шест поени и повторно резултатски се одвоија. Сепак, Никс не се предаваа. Брансон продолжи со фантастичната игра, а набрзо му се приклучија и соиграчите. Со серија од 9:2 кон средината на четвртината, Њујорк се врати во игра и најави драматична завршница.

Клучните моменти се одиграа во последната делница. Брансон уфрли во повисока брзина и со серија од 10 последователни поени на Никс, сам донесе израмнување на 83:83 на пет минути пред крајот. Набрзо потоа, со три погодени слободни фрлања, му го донесе на Њујорк првото водство. Со 43 поени во тој момент, тој постави рекорд за најмногу поени постигнати од играч на Никс на еден натпревар во НБА финалето.

Во последните минути од мечот Њујорк ја имаа предноста, Сан Антонио притискаше да го сврти резултатот и да остане во игра во финалната серија, но гостите беа максимално фокусирани и на крајот дојдоа до победа од 94-90, па големата радост можеше да почне.

Најдобар на теренот беше Брансон кој ја доби и МВП наградата на финалната серија, кај Сан Антонио најефикасен беше Харпер со 25 поени, Вембанјама постигна 19 и имаше 14 скокови.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ