Во соопштението на „Тиквеш“ се вели дека ваквиот прекин е предизвикан од неколкумина поединци кои на крајно некоректен и насилнички начин го блокираа влезот на винарницата и со тоа вчера им попречија на над 200 вистински лозари да го предадат своето грозје.
„За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш“. Имено, грозјето што сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот ова грозје немало соодветни карактеристики за од истото да се произведе ниту вино ниту дестилат, а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале“.
Винарската визба „Тиквеш“ во соопштението нагласува дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен.
Инаку, „Тиквеш“ е единствената македонска винарница која започна со потпишување на договорите со откуп уште на почетокот на јули, со што до официјалниот почеток на откупот беа склучени над 2.100 договори со лозарите, во кои беа дефинирани условите и стандардите за квалитет кои треба да се исполнат. Притоа, „Тиквеш“ оваа година нуди највисоки цени за грозјето и се обврза на најголем откуп досега, се вели во соопштението.
Од „Тиквеш“ гарантираат дека ќе продолжат доследно да ги почитуваат сите преземени договорни обврски кон лозарите, но истото го очекува и од своите партнери.
„Упатуваме апел до сите лозари кои напорно работеле во текот на целата година да не подлегнуваат на провокации од поединци кои не се вистински лозари, туку работат во исполнување на нечија агенда. Никогаш нема да прифатиме уцени и желби на поединци кои сакаат да манипулираат со трудот на вистинските лозари. Како една од најголемите и најтрофејните винарници во целиот регион и понатаму ќе работиме и ќе продолжиме да инсистираме за воведување на светски стандарди во лозарството и винарството во Македонија, што значи и воспоставување стандарди и систем кој нема да зависи од политиката, туку исклучиво од пазарните механизми“, се вели во соопштението на винарската визба „Тиквеш“.






