недела, 19 април 2026

Левица: Поддршка за избрканите работници од „Баргала”

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението на Левица се вели дека во оваа штипска фабрика со години се кршат  работничките права. „На работниците не им исплаќа редовно плати, а ако ги исплати, тие се далеку под законскиот минимум. Прекувремените часови работа не им се исплаќаат, регресот за годишен одмор исто така, а ако се исплати, на работниците им било наложувано истиот да го вратат на сопственикот. Работниците се незадоволни и од условите за работа, бидејќи воопшто не се преземале мерки за заштита на нивното здравје, што резултирало и со смртни случаи за време на корона кризата.

Се поставува прашањето, како е можно оваа фабрика толку години да работи спротивно на законот, отворено кршејќи ги работничките права, а досега воопшто, никогаш и со ништо да не била санкционирана?

Можеби одговорот лежи во фактот дека семејството Барзови, кои се сопственици на оваа фабрика, историски се во блиски односи со владејачката парија. Таткото на сегашниот сопственик Наум Барзов, Костадин Барзов, беше првиот генарелен директор на фабриката, а во 1998 година беше и кандидат за пратеник од редовите на СДСМ.

Дали Баргала е привилегирана и поради семејната врска на поранешниот пратеник (а сегашен градоначалник на Штип) со сопствениците на фабриката? Дали фактот дека штипскиот градоначалник е зет во семејството Барзови, ја става фабриката над законот?

Не помалку познат факт е дека семејството Барзови покрај фабриката Баргала, се сопственици и на уште две текстилни конфекции, како и штедилницата „Алкоса”, а согласно кажувањата на вработените, работничките права не се почитуваат ниту во овие фирми.

И покрај наводните ангажмани на синдикатот и на низа невладини организации, борбата за работничките права во оваа фабрика тапка во место со години и освен инстант „решенија“ за собирање политички поени, досега не е изнајдено долгорочно решение.

За решавање на проблемите на овие, како впрочем и на сите други работници во Република Македонија се потребни системски решенија, залагање на сите државни институции за почитување на правата на работниците, а за прекршителите на законот изрекување прекршочни и кривични санкции. Нешто, за кое што е потребна политичка волја, која очигледно не постои кај владејачката партија.

Само така ќе се воспостави траен систем на вредности ќе мора секој да ги почитува, а локалните моќници ќе разберат дека не се над законот, без оглед на тоа колкава е нивната финансиска моќ или политички врски“, соопшти Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ