недела, 19 април 2026

Костовски: На небулозите на поданиците им нема крај, замрзнат ми е и „Голф“ стар 20 години

Објавено на

часот

Сподели

„Пред неполни две недели се обидов да го регистрирам моето возило ‘Голф’ кое што е старо повеќе од 20 години и после сите постапки околу неговата регистрација од полицијата одбиена ми е регистрацијата бидејќи возилото ми е замрзнато. Едно прашувам… ако возилото ми е забрането да го користам, зошто не ми е забрането да живеам во сопствениот дом? Што е целта на овој небулозен чин, да ме казни? Мене! Ако е така, јас по втор пат објавувам моја граѓанска непослушност и возилото ќе го возам во секоја моја прилика кога ќе ми треба, бидејќи технички е исправно, меѓутоа нема печат од полиција. Јавно го повикувам првиот човек на Јавното обвинителство, Јовески, да не молчи, го охрабрувам да превземе поригорозни мерки против мене, ако сум виновен, меѓутоа очекувам да го повлече случајот, и да ми се извини доколку се покаже дека постапката грешно се води”, пишува Костовски.

Тој ги повикува судиите кои ја водат оваа истражна постапка да си ја преиспитаат својата совест.

„Ако сметаат дка се чисти пред себе, тогаш бидете убедени живееме во општество без никакво право и правна заштита. Хаосот царува”, вели бизнисменот и додава:

„Почитувани, како е возможно, целиот свој живот го посветив чувајќи го своето достоинство кое е признаено во многу европски земји и во САД, поради мојот хуман, праведен и човечки однос, а во мојата Македонија да се соочам со институции кои се трудат да го разнебитат моето достоинство. Човек сум. Сакам и човек да останам”, вели Костовски.

Тој нагласува дека постапките кои се водени од нашите правосудни органи нанесуваат болка и гнев, „бидејќи нема полошо чувство кога од својот сопствен народ и сонародник си понижуван без никакви основи”.

„Јас продолжувам, а вие кои ги водите институциите на системот мислете му ја. Слободно ве охрабрувам, посегнете и по мојот живот, ама нема да потпаднам под поданичкиот дух кој што владее со вас. ‘Понекад се и добар човек умори од своје доброте, јер док је свима био добар, себи је био најгори’ (Понекогаш и добар човек ќе се умори од својата добрина, бидејќи додека на сите им бил добар, за себе бил најлош). Зарем оваа мудрост од почитуваниот Меша Селимовиќ важи и за мене?”, вели на крајот од соопштението за јавноста бизнисменот Трифун Костовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ