Според Битиќи, регионалната конкурентност ќе ја зајакне отпорноста на регионот и ќе донесе просперитет за граѓаните. Создавањето на заеднички пазар на трудот, пак, ќе донесе просперитетна иднина на економиите и истовремено ќе ги подготви за влегување на високо конкурентниот европски и глобален пазар.
На форумот се обрати и министерот за финансии Фатмир Бесими кој говореше за влијанието на пандемијата од ковид-19, која, според него, имала и позитивни ефекти во градењето на свеста на национално и регионално ниво дека за справување со неа потребен е глобален заеднички одговор.
„Иако имаше мало задоцнување, дадовме релативно добар одговор на епидемијата, а тоа беше така затоа што сите меѓународни организации беа респонзивни, соработуваа, а политиките што се спроведуваа беа заеднички. Ова е јачината на заедништвото и ова е тоа што го очекуваме од оваа конференција, размена на мислења и гледања за иднината, како да стигнеме таму. Патот до таму води преку зајаканата соработка и слободен проток“, рече Бесими.
Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) на форумот обраќањето го почна со среќен 1 јули, поздравувајќи го укинувањето на роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Таа се осврна на формирањето на заедничкиот регионален пазар по моделот на пазарот на ЕУ, втемелен на четирите основни слободи (капитал, стока, услуги и пари), на дигиталната агенда, како и на Зелената агенда и зелената економија процеси кои треба да бидат помогнати од ИПА 3.
„Енергетскиот систем на Западниот Блакан зависи од јагленот каде повеќето од термоцентралите се стари, а 16 такви централи загадуваат многу повеќе од 250-те кои се на територијата на ЕУ. Јасно е дека земјите ќе треба да издвојуваат многу финансии за да се затворат тие рудници на јаглен. Но нејасно е каде ќе ги најдеме тие пари за овој процес на декарбонизација за што се проценува дека на Западниот Балкан ќе му требаат околу 38-40 милијарди. Потребно е и менување на структурата на економиите на регионот и хармонизација со пазарите на ЕУ како и повеќе зелени кредити“, рече Брегу.
Антони Пешев на сесијата во контекст на придобивките за бизнис секкторот од зајакната регионална соработка ја нагласи коморската соработка која вели придонесе за побрз развој и интергација на регион, преку градењето темелите за држави без царини и без тарифи.
„Се надевам дека владите и политичките авторитети ќе ја препознаат важноста на регионалната соработка и унификацијата на целиот регион со создавање на регион без граници и без конфликти. Ова е еинествениот начин со кој овој де факто географски дел од Европа ќе стане и вистински дел од ЕУ“, нагласи Пешев.
Воведно обраќање на бизнис панелот имаше Метју Палмер заменик-помошник државен секретар на САД.






