Од Сојузот на стопански комори информираат дека Арсовска на меѓународна конференција истакнала дека е потребно да се создаде сериозна стратегија за развој и одржливост на овие претпријатија, која ќе предвидува конкретни мерки и активности со поставени рокови за реализација.
„Со имплементација на стратегијата треба да се постигне значително зголемување на бројот на МСП кои се занимаваат со одржливи деловни практики, како и да го зголеми бројот на МСП кои користат дигитални технологии. Секоја земја треба да делува да стане попривлечно место за претприемништво и да им овозможи на малите бизниси да растат и да се развиваат. Ова е особено клучно во пост-пандемискиот период, бидејќи малите и средни претпријатија се клучот за побрзо надминување на кризните состојби и за постигнување на одржливиот економски развој“, нагласила Арсовска.
Според неа, неопходно да се намали и регулаторниот товар и да се подобри пристапот до меѓународните пазари, како и да се осигура дека претпријатијата ги користат институционалните механизми за успешни прекугранични активности. Неопходно е да се преземат и мерки за олеснување на пристапот до финансирање и да се обезбедуваат континуирани информации за достапност и пристап до изворите на финансирањe.
„Надлежните институции треба активно да го поддржат претприемништвото кое е делување и постапување според можностите и идеите и нивно трансформирање во додадена економска вредност за сите во општеството. Иднината на европската економија е во малите и средни претпријатија, затоа е важно земјите да делуваат кон поттикнување, унапредување и координирање на меѓународната соработка и воспоставување на рамка за одржлив раст на МСП на национално, регионално и меѓународно ниво“, истакнала Арсовска.
Во земјава, 99,8 проценти од сите претпријатија, припаѓаат во групата на малите и средните претпријатија (МСП).
Малите и средни претпријатија се ‘рбетот на европската економија. Тие претставуваат 99 отсто од сите регистрирани претпријатија, вработуваат околу 100 милиони луѓе, сочинуваат повеќе од половина од БДП на Европа и играат клучна улога во додавањето вредност во секој сектор во економијата.






