Од протестот Асоцијацијата на пратениците им порачаа дека тие се претставници на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат меѓу 54 000 до 100 000 работни места во земјата и нагласија дека бараат да бидеат третирани како и другите странски инвеститори.
„Не е точно дека малолетниците ќе бидат повеќе заштитени ако автомат клубовите се дистанцираат на 500 метри од образовните објекти. Ваквиот концепт е целосно промашен и претставува предизборен популизам. Малолетниците пешачејќи или превезувајќи се до училиштето каде посетуваат настава, повторно ќе мора да поминуваат покрај објектите каде се организираат игри на среќа. Тврдењата дека називите на фирмите и излозите на спортските обложувалници и автомат клубовите ги привлекуваат малолетниците и наводно така преку очите им се создава навика за игри на среќа, нема врска со реалноста. Тогаш, по истата логика и со истите аргументи, владата и Собранието треба да ги дистанцираат сите кафулиња, кафеани и тобака за да малолетниците се заштитат од алкохол и цигари“, изјави Горан Стоименов, претставник на Групацијата Новоматик Македонија и Апекс Македонија.
Тој нагласи дека на терен е многу тешко изводлива дислокацијата на објектите бидејќи во градовите со една дислокација од 500 метри се доближувате на помалку од 500 метри до друго училиште.

„Со други зборови, ваквото законско решение значи целосно затворање на оваа индустрија“, рече Стоименов.
Тој рече дека игри на среќа се организираат во европските држави, а дека искуството од Албанија која во 2019 година ги затвори спортските обложувалници и казина, дозволувајќи само онлајн игри, е негативно, бидејќи по само една година тамошната влада се пишмани и дозволи отворање дури и во објекти во центарот на Тирана. И во Грција е сега дозволено, иако со децении не беа дозволени игри на среќа од овој тип, рече Стоименов.
На протестот беше кажано дека тие не се против измени во законот, но дека се против „нелогични, погрешни и политички мотивирани измени“ и апелираа да се одржи јавна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет на која ќе бидат соочени аргументите.






