Еден од најголемите проблеми што го утврдиле ревизорите е состојбата со возниот парк на претпријатието. Од вкупно 189 специјални комунални возила, само 76 се исправни и во возна состојба, додека останатите 113 се нефункционални, 80 неисправни и 33 хаварисани.
Просечната старост на возниот парк е 15 години, што според ревизорите ја намалува способноста на претпријатието ефикасно да ја извршува својата јавна услуга.
„Утврдено е високо ниво на нефункционалност на возниот парк (околу 60 отсто од возила се вон употреба), односно од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага претпријатието, само 76 се во возна состојба, додека 80 се неисправни и 33 се хаварисани“, пишува во Извештајот на ДЗР.
ДЗР уште утврдил дека значителен дел од побарувањата на претпријатието се со намалена или неизвесна наплатливост.
Станува збор за околу 2,07 милиони евра, кои според ревизорите се проблематични поради начинот на регистрација на корисниците, недостаток на соодветна верификација и високото учество на усогласени побарувања.
„Доминантен дел од побарувањата односно побарувања во износ од 127.386 илјади денари односно 2.071.317 евра има значително намалена или неизвесна наплатливост“, велат од ДЗР.
Проблеми се утврдени и кај управувањето со резервните делови.
Според ревизорите, 40 проценти од резервните делови на залиха биле набавени уште во 2009 година и веќе немаат реална употребна вредност.
„Од резервните делови на залиха, 40 отсто се набавени во 2009 година, истите се застарени и без реална употребна вредност, за кои не е извршено вредносно усогласување“, пишува во Извештајот на ДЗР.
ДЗР оценува дека недостатокот на соодветно планирање и координација при набавките и користењето на залихите доведува до нерационално трошење на средствата и негативно влијание врз ликвидноста на претпријатието.
Ревизијата утврдила и проблеми со човечките ресурси. Во 2024 година, поради необезбедена согласност за годишните планови за вработување од страна на основачот, претпријатието ангажирало 354 лица преку приватна агенција за вработување на кои им било исплатено околу три милиони евра.
„Јавното претпријатие во 2024 година, преку приватна агенција за вработување, има ангажирано 354 лица, даватели на услуги, административни службеници и помошно технички персонал и евидентирано расходи во износ од 185.680 илјади денари односно 3.019.187 евра“, констатирале ревизорите.
Како што се наведува во Извештајот, финансиската состојба на претпријатието дополнително ја оптоваруваат високите долгови.
Според ДЗР, долговите достигнале речиси 12 милиони евра, што доведува до доцнење во плаќањата кон добавувачите, камати, казни и ризик од блокада на сметките.
„Поради високото ниво на обврски од 736.948 илјади денари, односно 11.982.894 евра и намалената ликвидност, претпријатието се соочува со доцнење во плаќањата кон добавувачите, што резултира со камати, казни и ризик од блокада на сметките“, се наведува во Извештајот.
Поради сето ова, Државниот завод за ревизија препорачува преземање мерки за надминување на долгогодишните проблеми, особено во делот на обновување на возниот парк и подобрување на системите за управување.
„Ревизијата истакнува дека се потребни активности насочени кон отстранување на ризиците и проблемите кои подолг период се присутни во работењето на претпријатието, изготвување и имплементација на стратегија за обнова и модернизација на возниот парк“, препорачуваат од ДЗР.
Според ревизорите, потребен е систем за континуирано следење на техничката исправност и економската оправданост на одржувањето на возилата, со цел да се обезбеди поквалитетна и поефикасна јавна услуга.





