„Оваа пракса претставува отстапување од принципите на транспарентност и отчетност.
Иако дисциплинските постапки се затворени за јавноста со цел заштита на интегритетот на судиите, конкретното барање за повторување на постапка врз основа на пресуда од ЕСЧП има различна правна природа и претставува прашање од јавен интерес. Досегашната пракса на Советот потврдува дека ваквите барања се разгледуваат на јавни седници, без тоа да го загрози интегритетот на судијата, туку напротив – го зајакнува легитимитетот на одлуките.
Особено имајќи предвид дека одлуките за разрешување, како и пресудата на ЕСЧП, се
јавно објавени, не постојат оправдани причини јавноста да биде исклучена во оваа фаза. Во демократско општество, транспарентноста е предуслов за доверба. Кога Судскиот совет одлучува за прашања поврзани со имплементација на пресуди на ЕСЧП без присуство на јавноста, се доведува во прашање правната сигурност и довербата во институцијата. Притоа, потсетуваме дека ваквото постапување е во спротивност со препораките на Оценската мисија на ЕУ, Комуникациската стратегија на ССРСМ и целокупните заложби за реформи и унапредување на јавната доверба во судството.
Блупринт групата потсетува дека доследното почитување на процедурите и принципот на јавност се клучни за градење независно и кредибилно правосудство. Поради тоа, апелираме до ССРСМ да обезбеди отвореност кон јавноста и да постапува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото“, се вели во реакцијата на Блупринт групата за реформи во правосудството во која членуваат претставници на Институтот за европска политика (ЕПИ), Институтот за човекови права (ИЧП), коалицијата „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП) и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
Блупринт група: Судскиот совет неоправдано ја затвори за јавноста расправата за пресуда на ЕСЧП
Блупринт групата за реформи во правосудството изрази сериозна загриженост поради одлуката на Судскиот совет на Македонија (ССРСМ) да ја исклучи јавноста при одлучувањето по барање за повторување на постапка по пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Објавено на
часот





