понеделник, 1 јуни 2026

АХВ молчи кои се млекарниците кои мамеле со декларациите, неофицијално веќе се објавуваат производителите

Додека Агенцијата за храна и ветеринарство упорно одбива да ги објави млекарниците кои давале лажни податоци во декларациите за нивните производи (процент на масленост, употреба на палмино масло…), потрошувачите бараат да се објават фирмите кои тоа го правеле. Во меѓувреме, Нетпрес.мк неофицијално ги објави имињата на млекарниците кои манипулирале со податоците во декларациите за нивните млечни производи.

Објавено на

часот

Сподели

АХВ се повикува на законските ограничувања во објавувањето на фирмите кои ги сториле овие прекршоци, а потрошувачите се повикуваат на правото на избор на здрава храна и точни податоци во декларациите. За казните од 1.000 до 3.000 евра за вакви прекршоци, сите се согласуваат дека се мали и безначајни во однос на профитот од продажбата на вакви производи со лажни податоци за масленост, протеини, растителни масти…

Нетпрес од сопствени извори, неофицијално, дојде до имињата на млекопроизводителите кои беа фатени од државните институции дека манипулираат со декларациите на своите производи, односно дека наведените податоци им се неточни: млекарница „Милком“ – мешан кашкавал млечни масти по декларација 34,5%, по анализа 30% млечни масти; млекарница „Маврово“ – мешано сирење по декларација 24,5% млечани масти, по анализа 17,5% млечни масти; млекарница „Сентис АГ“ Тетово – УХТ млеко по декларација 3,2% млечни масти, по анализа 2,85% млечни масти; протеин деклариран 3,5% по анализа 3%; павлака кисела по декларација млечна маст е 18% по анализа 14%; млекарница „Ѓорѓиеви“ – козјо сирење по декларација 23% млечни масти, по анализа 16,3% млечни масти; протеин по декларација 18,8% по анализа 14,6%; млекарница ПК Златибор Србија, увоз – златиборско ситно сирење по декларација млечни масти 14,3%, по анализа 1,19% млечни масти; млекарница „Бела фарм“ – производ урда по декларација млечна маст 25%, по анализа 5,54%; млекарница Продукт бренд – кравјо сирење по декларација млечна маст 15% по анализа 11,4%; протеини 12% по анализа 15%; Тетовска млекарница – мешано сирење по декларација 23% млечни масти, по анализа 19,8% млечни масти; млекарница „Норд милк“ – млечна павлака со пиперка позитивна на растителни масти.

Најголемите млекарници во Македонија се најголемите губитници од скандалот со измами кој го откри Агенцијата за храна и ветеринарство.

Со тоа што не се открива кои се млекарниците измамници најголема штета ќе претрпат најголемите производители на млеко, јогурт и млечни производи затоа што во стравот и паниката меѓу граѓаните ќе се намали потрошувачката на млечни производи што најмногу ќе ги погоди големите производители. Вообичаена реакција на потрошувачите е да набавуваат млеко и млечни производи на пазари и од приватни лица кои воопшто и не се регистрирани како производители.

На пазарот во Македонија, според податоците од 2025 година, Млекарница АД Битола (Bimilk) е најголемата во земјава, а меѓу топ 5 млекарници според приходите од лани се и Бучен Козјак (Куманово), Трница (Маврово), Здравје Радово (Битола) и Лакталис МК (Dukat/Lactalis MK).

Р.М.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ