понеделник, 17 ноември 2025

„Ноември“, прва стихозбирка на Игор Анѓелков, по седум прозни изданија

Дебитантската стихозбирка на Игор Анѓелков, симболично насловена „Ноември“, која е дел од едицијата „Поеза“ од печат излезе денес, на 5 ноември, и таа е 12-то објавено издание на авторот, по седумте прозни и четирите филмско-есеистички дела.

Објавено на

часот

Сподели

„Ноември“ содржи дваесет песни поделени во три циклуси: „Револуција“, „Љубов“ и „Под небо во боја на бамји“. Анѓелков за својата прва поетска објава се шегува дека е „тешко да се стане поет на 50+“, образложувајќи во поговорот зошто се одлучил на ваков потег:

„Речиси секој писател својата пишувачка активност ја започнал со песни. Тоа е детерминирано од образовниот процес, при што во светот на пишаниот збор влегуваме токму преку поезијата за деца. И навистина, моите први обиди беа поетски. И не само тоа ‒ мојата прва официјална објава во сериозно списание беше „нешто што наликува на поезија“, а се случи пред три децении, со што само ми се потврди тезата дека речиси секој раскажувач започнува со пишување поезија.

Како аргумент плус, се сетив и дека поезијата се провлекува низ сите мои прозни дела. Во првиот роман ‘Крај-пат’, еден од ликовите е музичар што пишува прекрасни балади и чијашто поезија е составен дел од приказната. Поднасловот на мојот втор роман ‘Фото синтеза’, пак, е многу поетичен: ‘под небо во боја на бамји’, и тоа со години ‘плачеше’ за понатамошна  разработка. Подоцна, во збирката раскази ‘Двојна експозиција’, се провлекува песната ‘Уморен’, на која многу читатели реагираа пофално, бидејќи е слика и прилика на времето во кое живееме. Сето ова ми создаде мисла дека можеби навистина е време за објавување на првата стихозбирка“, вели авторот Анѓелков за неговата прва стихозбирка.

Стихозбирката на Игор Анѓелков симболично насловена „Ноември“ е издание на книжарницата и издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ и претставува своевидно заокружување на „поетсакта есен“, по објавените книги од Игор Исаковски, Георги Господинов, Ана Пејчинова…

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ