Електронската апликација е направена на колку што е можно поедноставен начин, посочи Стефоска и додаде дека веќе се направени и обуки во Центрите за култура низ повеќе градови и во Скопје.
„Со оваа апликација се забрзува целиот процес – од пријавување до изготвување решение. Да напомнам дека со затворањето и испраќањето на пријавата, секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса. Со тоа се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување на документи и, што е многу важно, времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за десетина илјади работни часови или во целиот процес се кратат два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите“, рече министерката за култура Стефоска и додаде дека електронската апликација ја елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето.





