среда, 25 јуни 2025
Христијан Илиевски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зошто Трамп го сака Гренланд?

Како што САД продолжуваат да го зајакнуваат своето присуство во Арктикот, Гренланд ќе стане клучна стратегиска точка на глобалната политичка мапа. Со растечката важност на природните ресурси и на транс-арктичките трговски рути, може да се очекуваме интензивирање на дипломатските напори за обезбедување на американска воена и економска присутност на островот, преку нови преговори со Данска и со Гренланд за проширување на автономијата или со нови обиди за купување на островот.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, постојано ја наметнува во јавноста идејата за добивање на Гренланд, на економски или на воен начин, со употреба на сила, опишувајќи го овој потег како витален за сочувување на американската национална безбедност и за спречување на растечкото влијание на Русија и Кина на Арктикот.

Имено, за време на неодамнешната посета на потпретседателот на САД, Венс, на Гренланд, Данска беше обвинета дека недоволно се грижи за безбедноста на Гренланд, и дека само САД може да биде силата која цврсто може да стои зад толку посакуваниот остров. Сосема очекувано, од властите на Гренланд стигна брз одговор дека Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните, нешто што беше веднаш поддржано и од данската премиерка Мете Фредериксен.

Интересот на Трамп за Гренланд не е нешто ново, бидејќи тој предложи купување на островот уште во неговиот прв мандат, нешто што во тој момент изгледаше смешно и беше изјавено во далеку поблага форма од актуелната, кога американската администрација е во целосна офанзива за добивање на оваа територија. Но, зошто токму Гренланд, и зошто токму сега?

Кој управува со Гренланд и каква е историската заднина?

Гренланд, најголемиот остров на светот, доминантно населен со Инуити, брои околу 55.000 жители, и е држава која главно сама се управува, но е составен дел на Кралството Данска. Подетално, Владата на Гренланд менаџира со прашања поврзани со домашната политика, како што се образование, здравство, управување со домашни ресурси…, додека данската Влада одлучува за прашањата поврзани со надворешната политика, одбраната и безбедноста.

Во 2024 година, Гренланд добива малку поголема автономија и во овие сектори, па така, ја усвојува „Националната стратегија за надворешни работи, одбрана и безбедност 2024-2033“ наречена “Greenland in the World – Nothing about us without us”.

Гледано од историска призма, Гренланд добива автономија во 1979 година, откако претходно е колонија и провинција под целосна контрола на Данска. Во 2009, се носи Актот за самоуправа на Гренланд кој предвидува дека Гренланѓаните имаат право да прогласат независност од Данска. Кога станува збор токму за независноста, повеќето од жителите на Гренланд би поддржале евентуална независност, но економската зависност од Данска е преголема за да можат да размислуваат за тоа во овој момент.

Зошто Гренланд е геополитички важен?

Геополитика на Арктикот: Уште од крајот на Студената војна, Арктикот генерално се смета како област за меѓународна соработка, но сепак, кога ќе се земе предвид се поголемата важност на климатските промени, конкуренцијата за природни ресурси, како и растечкото вооружување, посебно на Русија, се забележува дека геополитичките тензии во овој дел од светот се значително зголемени во последната деценија. Руската инвазија врз Украина целосно ги наруши нејзините односи со другите држави кои имаат интерес на Арктикот, како што се Канада, Данска, Финска, Шведска, Исланд, Норвешка и САД, и практично ги принуди официјален Стокхолм и официјално Хелсинки да бараат итно членство во НАТО.

Како резултат на новите тектонски пореметувања во геополитиката, сега сите арктички држави, освен Русија се разбира, се членки на НАТО, нешто што му дава поголема важност и на Гренланд, кој е исто така, дел од Алијансата, преку Кралството Данска.

Стратешка локација: Во Гренланд се наоѓа вселенската база Питуфик, порано позната како воздухопловна база Туле, која е важен американски инструмент за рано предупредување, одбрана од проектили, како и вселенски надзор. Гренланд, исто така, е дел од групата GIUK Gap (Гренланд, Исланд, Обединето Кралство) која е задолжена за противподморничко војување, кое денес е од исклучителна важност за мониторирање и потенцијално ограничување на движењето на руската морнарица во Северноатлантскиот и Арктичкиот океан.

Транс-Арктичка рута: Гренланд зазема клучна позиција долж две потенцијални бродски рути низ Арктикот, односно Северозападниот премин, долж северното крајбрежје на Северна Америка и Трансполарниот морски пат, низ центарот на Арктичкиот океан. Како што се топи арктичкиот морски мраз, овие рути би можеле да го намалат времето на испорака и да ги заобиколат традиционалните рути како што се Суецкиот и Панамскиот канал.

Во овој момент, овие рути се се уште комерцијално непроодни и најверојатно ќе останат такви и во следните години поради временските услови и мразот, но на долг рок, како што се зголемува сообраќајот на бродови во Арктичкиот океан, Гренланд најверојатно ќе стане еден од клучните играчи во ефективно менаџирање со океанот. Одржливоста на овие нови бродски рути ќе зависи од инвестициите и сеопфатната поморска инфраструктура.

Голем интерес за минерали и природни ресурси     

Топењето на копнениот и морскиот мраз ги прави подостапни богатите наоѓалишта на минерали во Гренланд, привлекувајќи го вниманието на земјите кои се натпреваруваат за нивно добивање, остварување на економски бенефит и добивање предност во енергетската транзиција. Сепак, ископот на овие ресурси е доста тежок поради ниските температури на Гренланд, неговата географска оддалеченост, недостатокот на инфраструктура, високите трошоци за екстракција, како и локалната загриженост за влијанијата врз животната средина.

Минерали: Гренланд е потенцијален извор на многу минерали кои се исклучително важни за енергетската транзиција. Тие имаат ретки елементи потребни за производство на батерии, ветерни и соларни технологии, како и напредна воена опрема.

Западните земји ги гледаат минералните ресурси на Гренланд како можност да ја намалат нивната зависност од Кина, која доминира во снабдувањето со овој вид на минерали. И Кина изразуваше интерес за минералното богатство на Гренланд, но таа идеја пропадна откако Гренланд го забрани ископувањето ураниум. Покрај тоа, изводливоста на екстракцијата на минерални ресурси е доведена во прашање поради недостатокот на инфраструктура во Гренланд и високите оперативни трошоци. Дополнително, рударството е тема која го поларизира гренландското општество, имајќи предвид дека дел од населението гледа на тоа како пат кон независноста, додека другиот дел е загрижен поради влијанијата врз животната средина.

Нафта и гас: Според извештајот на Геолошкиот институт на САД од 2007 година, можно е да има значителни резерви на нафта и гас во близина на брегот на Гренланд. Сепак, Владата на Гренланд престана да издава нови лиценци за истражување на нафта и гас во 2021 година, наведувајќи ја загриженоста за економската изводливост и за еколошките влијанија од истото.

Вода со висок квалитет: Комерцијалната експлоатација на мразот и водата на Гренланд може да помогне да се задоволи растечката глобална побарувачка за вода. Приближно дваесет проценти од свежата вода во светот се наоѓа во ледената покривка што го покрива островот.

Рибарството е од клучно значење за Гренланд и неговата економија, обезбедувајќи егзистенција за локалните заедници, како главна извозна стока, и значително придонесувајќи за БДП на државата. Гренланд е важен придонесувач за глобалното снабдување со риба и, со се повпечатливите климатски промени, неговата важност, всушност, може само да се зголеми.

Што може да се очекува?

Како што САД продолжуваат да го зајакнуваат своето присуство во Арктикот, Гренланд ќе стане клучна стратегиска точка на глобалната политичка мапа. Со растечката важност на природните ресурси и на транс-арктичките трговски рути, во иднина можеме да очекуваме интензивирање на дипломатските напори за обезбедување на американска воена и економска присутност на островот, што може да доведе до нови преговори со Данска и со Гренланд за проширување на автономијата или, можеби, до нови обиди за купување на островот.

Меѓутоа, без оглед на политичките амбиции, успехот на овие планови ќе зависи од внатрешната стабилност на Гренланд и неговото општествено прифаќање на таквите промени.

Со се поголемата важност на Гренланд за глобалната безбедност и економија, неговата иднина како независен или автономен ентитет ќе продолжи да биде предмет на внимателна анализа, како од страна на неговите жители, така и на светските сили, бидејќи оној кој ќе воспостави контрола врз природните ресурси, особено во време на глобалните промени во енергетската индустрија и на климатските предизвици, ќе биде чекор понапред во светската битка за најмоќна сила.

Христијан Илиевски

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Карен Пирс

Обединетото Кралство ја зајакнува регионалната соработка во Западен Балкан

Драган Даниловски

Нoва зграда или нов систем?

Марјана Дода

Албанија на отвореното море на геополитиката: Време е да се преиспитаат...

Ристо Цицонков

Инвестиции во енергетиката во светот

Алис Тејлор

Чудниот случај на иранско влијание во Албанија

Димитар Љоровски Вамваковски

Преспанскиот договор – ден потоа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ