петок, 22 мај 2026

Граѓанските организации алармираат, со измените на Законот за игри на среќа се брише поддршката за ранливите категории

Неколку граѓански организации и мрежи упатија апел до пратениците да не ги поддржат предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, предупредувајќи дека со нив од законското решение се бришат граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст како субјекти што можат да добиваат средства за работа со ранливи категории граѓани.

Објавено на

часот

Сподели

Во заедничката реакција, потпишана од Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија и Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, се наведува дека не станува збор за техничка измена, туку за сериозен преседан што може да има долгорочни последици врз граѓанското општество и заштитата на ранливите категории.

„Со децении, граѓанските организации обезбедуваат директна поддршка за лица со попреченост, жртви на семејно и родово базирано насилство, стари и изнемоштени лица, деца, млади, жени, Роми и други заедници во ранлива положба“, се наведува во реакцијата.

Организациите предупредуваат дека со предложените измени се отвора ризик средствата наменети за ранливи категории да се распределуваат без јасни и транспарентни критериуми и без гаранција дека тие ќе стигнат до организациите кои имаат искуство, лиценцирани услуги и директна работа со граѓаните.

Според нив, доколку постојат слабости во сегашниот систем, решението не е исклучување на граѓанскиот сектор од законот, туку воспоставување поотчетен механизам со јавни повици, независна евалуација, редовен мониторинг и објавување на резултатите од финансираните програми.

Во реакцијата се бара пратениците јавно да побараат образложение од предлагачите на законот за причините поради кои граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст се бришат од законското решение.

„Бришењето на граѓанскиот сектор од законите е опасен сигнал. Тоа отвора прашање дали во Северна Македонија се појавуваат практики кои го стеснуваат просторот за граѓанско дејствување и ја оддалечуваат земјата од демократските стандарди и европскиот пат“, предупредуваат организациите.

Тие потсетуваат дека демократските држави не го исклучуваат граѓанското општество од системот, туку го препознаваат како партнер и носител на услуги за граѓаните.

Поради ова, граѓанските органзиации од пратениците бараат да не ги поддржат измените во сегашната форма, повлекување или ревидирање на текстот, да организираат јавна расправа со граѓанските организации и другите засегнати страни, да се заложат за транспарентен и отчетен механизам за распределба на средствата.

Потписниците на реакцијата порачуваат дека ова не е партиско, туку прашање на демократија, владеење на правото и заштита на најранливите категории граѓани.

„Ги повикуваме пратениците да застанат на страната на јавниот интерес и да не дозволат граѓанските организации да бидат избришани од законите“, се наведува во апелот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ