четврток, 9 јули 2026
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Незгода

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Шљупков возеше велосипед низ градскиот плоштад и се бапна во еден оксиморон, кој од своја страна, возеше тротинет. Ударот беше толку силен што оксиморонот ги загуби првите четири букви.

И така почнаа чудесните странствувања на четирите загубени букви на оксиморонот. Секако, најпроминентни беа авантурите на самогласките, О и И. О-то прошета низ многу математички аксиоми за на крај да го основа супремациското движење на сферистите во геометријата. Исто така, О-то има своевремено направено и поетски обиди, кои, меѓутоа, критиката ги оценува како патетични и сентименталистички. И-то, пак, после подолг престој во исказите на формалната логика влезе во непомирлива војна со уважениот господин Или. Прогонувано од разни премиси и судови, најпосле најде засолниште во слободните територии на парадоксите. Статусот на дисидент никогаш не му беше признат.

К-то долго се пијанчеше по барови и лумпуваше по ноќни клубови. Имаше неколку неуспешни љубовни авантури со самогласки кои ги биеше сомнителна репутација. Сепак, К беше омилен во друштво, бидејќи беше проклето добар шегаџија. Кутриот, бидејќи го сметаа за роднина на Јозеф К, секогаш имаше проблеми со законот…

С-то… е С-то беше посебен шармер и шмеќар. Знаеше по потреба да вреви као консонант, или да цмиздри како вокал. Па така, ја основа ССТГ заедницата на гласови во Апсурдистан (Самосогласки и Трансгласови ). Имаше и своја телевизија, но се скара со својот роднина З заради некои пари. Но тоа веќе е надвор од нашиот интерес…

Во меѓувреме, на оксиморонот без првите четири букви му одеше одлично во Апсурдистан. Стана претседател на Апсурдистан и беше мошне почитуван од странските колеги и меѓународната заедница.

По тие настани, Шљупков никогаш повеќе не се качи на велосипед.

         Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

„Ние сме во добра состојба“: Европа и опасната илузија на нуклеарната...

Џефри Д. Сакс

250 години САД: Време е за враќање кон мудроста на основачите

Александра Сабрас Апостолова

Унапредување на дневните центри за деца

Јове Кекеновски

Таравари и „патолошкото“ неразбирање на македонската реалност

Драган Даниловски

Како климатските промени и векторите ја менуваат епидемиологијата на заразните болести

Филип Клетников

Нихилизам 2.0?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ