недела, 15 јуни 2025
Конрад Блејер-Симон

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Европа покажува како треба да се спротивставиме на странското манипулирање со информации

Во време кога содржината што е штетна, но не и незаконска, станува дел од секојдневната комуникација, потребата од внимателен пристап кој го штити слободното изразување е поголема од кога било. Европската Унија обезбедува корисна рамка, но таа мора да се прилагоди на националните контексти и специфики.

Се сеќавате ли на „македонските тинејџери“ од Велес кои станаа ударна вест за време на првата претседателска кампања на Доналд Трамп? Тие, без некоја конкретна политичка цел, успеаја да изградат профитабилен бизнис со производство на лажни вести и нивно пласирање преку социјалните мрежи за странска публика.

Склон сум да ги гледам овие млади луѓе како „мали претприемачи“ кои имаа добро разбирање за дигиталниот пазар и успешно идентификуваа ниша за заработка. За жал, нишата што ја пронајдоа им послужи на оние што шират дезинформации и странска пропаганда.

Како што научивме во изминатата деценија, операторите на онлајн платформите ја сметаат дезинформацијата за фактор што поттикнува ангажираност на нивните сервиси, па затоа ги градеа своите бизнис-модели врз засилување на секакви разединувачки пораки.

Алгоритмите на социјалните мрежи и другите големи онлајн платформи не само што го олеснуваа ширењето на содржини со низок квалитет и штетен карактер, туку им овозможуваа на создавачите на дезинформации и пропаганда и да заработуваат од тие активности. Според истражување на Global Disinformation Index, само во 2021 година, Russia Today, Sputnik и Breitbart заработувале над 700.000 долари месечно од онлајн реклами.

Што е странска манипулација и мешање во информациите

FIMI (Foreign Information Manipulation and Interference) – странска манипулација и мешање во информациите – претставува подмолен и постојано еволуирачки ризик за интегритетот на јавниот дискурс. Во многу случаи, претставува форма на дезинформација што јасно потекнува од извори надвор од ЕУ. Сепак, терминот не се однесува само на одредени форми на штетна содржина, туку и на однесувања и начини на дејствување (ТТП – тактики, техники и постапки), како што се напади со хакирање и објавување информации, дигитални фалсификати (deepfakes) и слични координирани неавтентични активности. Социјалните мрежи се главната арена за овие операции.

Според Европскиот план за дејствување за демократија, FIMI е често дел од пошироки хибридни закани што имаат за цел да го нарушат слободното формирање на политичка волја. При проценката на странските актери што можат да претставуваат најголема закана за интегритетот на информациите во Европа, како главна земја на потекло на манипулации со информации најчесто се споменува Руската Федерација.

Изворите вклучуваат официјални државни канали (како што се сметки на владини институции), медиуми под државна контрола (како познатите RT и Sputnik), канали поврзани со државата (на пример, актери чие поврзување со државата не е јавно објавено, но постојат врски со државните служби, разузнавачки агенции или лица блиски до политичките елити), како и канали усогласени со државата, каде што не може директно да се докаже контрола или финансирање од државата, но наративите јасно се совпаѓаат со оние на претходно споменатите актери.

Но, не станува збор само за Русија. EEAS (Европската служба за надворешни работи) идентификуваше активности со потекло и од Кина, но и од други држави. Во периодот 2022–2023 година беа откриени преку 20 такви напади во секоја од земјите како Полска, Германија и Франција. Во Македонија, како и во остатокот од Западен Балкан, беа регистрирани помеѓу 1 и 5 такви инциденти.

Таквите напади го поткопуваат довербата во институциите, поттикнуваат меѓуетнички тензии и можат да влијаат врз изборните резултати. Во Романија, поради мешање во изборниот процес, Уставниот суд го поништи првиот круг на претседателските избори.

ЕУ политики: рамка, не решение

Во одговор на овој предизвик, Европската Унија го усвои Законот за дигитални услуги (DSA), кој воспоставува обврски за транспарентност и управување со ризици од страна на големите онлајн платформи (како ТикТок, ЈуТуб, Икс/Твитер). DSA бара редовни годишни ревизии, кодекси за политичко рекламирање и мерки за намалување на профитите од дезинформација.

Покрај тоа, Саморегулативниот кодекс за борба против дезинформации (усвоен пред изборите за Европскиот парламент во 2019) доби статус на ко-регулаторен инструмент под DSA. Во него се вклучени обврски како ограничување на активностите на т.н. „ботови“, транспарентност во политичкото рекламирање и зајакнување на правата на корисниците и истражувачите.

Дополнителна регулатива за заштита на информацискиот простор доаѓа преку Законот за дигитални пазари, Законот за слобода на медиуми, Законот за вештачка интелигенција и регулативите за транспарентност на политичкото рекламирање.

Што можат да направат земјите членки и кандидатите?

ЕУ во 2022 година ја усвои Стратешката компас иницијатива, во која FIMI е идентификуван како клучна безбедносна закана. Развиена е „FIMI алатка (FIMI Toolbox)“ што вклучува:

  • подобрување на ситуациската свесност (собирање докази и споделување информации),
  • градење отпорност (стратешка комуникација и медиумска писменост),
  • регулативни и дипломатски мерки (санкции, меѓународна соработка).

Сепак, ниту една регулатива не е „магично решение“. Националните влади треба да ги приспособат овие мерки на своите реалности и да создадат долгорочни стратегии. Дополнително, можеби ќе бидат потребни и дополнителни мерки на национално ниво кои ќе ги адресираат специфичните проблеми и ранливости на секоја земја, со цел да се обезбеди дека граѓаните имаат пристап до безбеден, доверлив и квалитетен информациски простор.

За да се постигне оваа цел, потребен е пристап кој ќе го вклучи целото општество: медиумски регулатори, изборни комисии, образовни институции, граѓански организации, приватниот сектор и самите медиуми.

Полезна насока нуди и американскиот истражувач Епстин, кој посочува четири критериуми за ефикасна регулација на дезинформации: а) да ги минимизира несаканите последици, б) да биде пропорционална на заканата, в) да биде адаптибилна на технолошките промени и г) да биде водена од независни тела.

Во борбата со FIMI, довербата, транспарентноста и долгорочната визија се нашите најсилни сојузници.

Конрад Блејер-Симон

(Преземено од Республика)

 

КОЛУМНИ

Андреа Перишиќ

Граѓански протести на Балканот: гласници на промените или бунт што брзо...

Стефан Вељановски

Продлабочување на партнерството меѓу Македонија и Казахстан

Алфред Марлеку

Како Трамп ја поткопува меката моќ на САД

Александар Стојановски

Берлин повторно маршира: Германија на пат кон нова војна

Љубомир Николовски

НБА Финале  –  гледачите на тајм аут!

Билјана Ванковска

Новиот храбар свет

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ