На осми ноември (сабота), во Јавна соба, во рамките на Скопје дизајн вик (Skopje Design Week), македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Афро Гитано“, заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ. Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбана електроенергија претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Во пресрет на настапот, разговаравме со Китановски за настанокот на „Афро Гитано“, за магијата на соработката со Сисоко и Гоце, и за тоа што значи да се создава музика што е подеднакво слободна и длабоко вкоренета.
„Афро Гитано“ звучи како спој на различни културни светови. Како се роди идејата за ваков проект и што значи овој наслов за тебе лично?
Китановски: Од некоја причина, која толку ме фасцинира што сакам за мене да остане мистериозна загатка, Африканците неверојатно се заљубуваат во нашата ромска музика. Често на турнеите со Черкези ни се приклучуваа африкански музичари, најчесто перкусионисти, кои нѐ слушнале на радио и неизоставно сакаа да музицираме заедно. Не знам колку се пати бев во пошта да испратам ромска музика во Адис Абеба, Киншаса…
Афро Гитано е кованица на големиот кубански перкусионист Оскар Салас, кој последните години од својот живот ги помина во Скопје. Свиревме заедно со Черкези и тој спој од неговите конги и тапанот го нарече Афро Гитано. Ова последно Афро Гитано издание е спој на африканската, ромската и хип хоп музиката.

Ова е соработка со Баба Сисоко, еден од најпознатите африкански музичари на светската сцена. Како дојде до вашата креативна хемија и што најмногу те инспирираше во неговиот музички свет?
Китановски: Баба Сисоко е легенда во Африка и во светот! Тоа го знам од прва рака, минатата година бев во Африка и немаше музичар чие лице не изразуваше бескрајна почит кога ќе се споменеше неговото име. Тој е музичар од највисок ранг. Се запознавме пред две години на Рочела џез фестивалот во Калабрија, јужна Италија, каде што тој настапуваше со Хорацио „Ел Негро“ Хернандес од Куба, а јас со моето трио составено од локални музичари.
Отидов во Калабрија барајќи музичари, експерти за тарантела, за еден филмски проект за којшто ја работев музиката, и меѓу другото го сретнав и Баба. По долга ноќ, со многу пиво и хавански рум и бескраен музички и културолошки разговор, дојдовме до заклучок дека треба да соработуваме. Целиот живот ме фасцинира и ја истражувам африканската музика, а начинот на кој Баба размислува музички е многу компатибилен со моите интереси. Така започнавме да свириме и да компонираме заедно. Но не знаевме колкава е креативната хемија додека не се најдовме на подиум со инструменти в раце.
Диџеј Гоце САФ додава урбана, современа текстура во проектот. Како се вклопуваат африканските ритми и џезот со електронскиот грув во вашата заедничка визија?
Китановски: Прв пат слушнав хип-хоп кога се појави некаде во средината на осумдесеттите. До денес го немам променето мислењето дека џезот и хип- хопот се навистина од иста мајка. Хемијата што е присутна во соработката со Гоце не е многу различна од онаа што ја чувствувам кога свирам со Баба.

Но вистински се израдував кога настапивме за прв пат како трио и од првата минута беше недвосмислено јасно дека сме компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, и дека беспрекорно пловиме заедно создавајќи уникатни блесоци кога ја делиме сцената. Оваа магија се повторува на секој настап. Африка е мајка на сите музики на оваа планета, па вклопувањето не ни причини проблеми.
Многумина велат дека „Афро Гитано“ е патување, и не само музичко, туку и духовно. Каде те однесе тебе ова патување?
Китановски: На едно убаво место во кое сакам постојано да се навраќам. Со малкумина музичари со коишто сум соработувал го имам доживеано ова. Така е секогаш кога сум на сцена со Грег Хопкинс, Кени Воленсен, Асан Рашид од Черкези, но и со мојот стар пријател Алек Секуловски, кој неодамна се врати во Македонија, па ќе продолжиме каде што застанавме.

Во Афро Гитано, духовноста во најголем дел ја носи Баба. Тој е гриот од западна Африка и неговата работа има примарна цел да придонесе кон мирот на земјата.
Албумот звучи како дијалог меѓу традицијата и импровизацијата. Колку е важно за тебе во џезот да се сочува коренот, а сепак да се оди чекор понатаму?
Китановски: Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот. Да се создава нова, современа, искрена и уникатна музика што истовремено ќе е прастара и безвременска беше мотото на проектот Черкези.
И Афро Гитано поседува нешто архаично, но и современо во исто време. Уникатноста и „чекорот понатаму“ уверен сум доаѓаат од искреноста кон себеси, истражувањето насочено кон тоа што секој музичар го прави да биде свој. Живееш во денешнината, никогаш од постанокот до денес немало ниту ќе има друго битие што си ти (освен ако не веруваш во реинкарнација). Треба само да ја пронајдеш музиката во себе и да не го мешаш тоа што некој друг работи со тоа што ти го работиш на твојот пат кон музичкото самосознавање. Постојано им велам на студентите – не можеш да свириш како Чарли Паркер, но сигурно е дека ни тој не може да свири како тебе! Што се однесува до импровизацијата, таа е мешавина од мудрост, искуство и знаење, и импулс што доаѓа од потсвеста. Малку се подзаборава дека таа е вкоренета во сите жанрови (класична музика, традиционална…) и не е само својство на џезот. Најдобар одговор на сето ова беше настапот на Калил Ел Забар на овогодинешниот Скопски џез фестивал.

Овој концерт ќе биде дел од Skopje Design Week, настан што спојува уметности, дизајн и музика. Како гледаш на ваквите крос-дисциплинарни платформи, дали тие се иднината на современата култура?
Китановски: Мислам дека се иднината, и тоа е добро. Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот.
Ти си познат по тоа што ја градиш својата музика со длабоко почитување кон традицијата, но и со експериментален дух. Каде е денес Тони Китановски во тој баланс?
Китановски: На исто место каде што беше и првиот ден кога решив да бидам музичар, чувствувајќи дека нема друг избор за мене на овој свет освен гитарата. Почитта кон традицијата е мудрост што ја стекнуваш со макотрпна работа истражувајќи што создала долгата нишка на музичари пред тебе. Експериментот е реагирање на импулс, дозволувајќи потсвеста да стане дел од твојот музички израз, и никако не е следење на експерименталните трендови што ги создале други артисти околу тебе, освен ако идеите не ви се идентични, што може да се случи.
Денес имам привилегија да соработувам со елитни изведувачи како Баба Сисоко или Петрит Чеку, и уживам кога работам музика за современ танц (најчесто соработувајќи со Рисима Рисимкин) и за филм. Во сите овие проекти е лесно да се комбинира традицијата со експерименталното. Понекогаш ми е потребно да најдам пристаниште, па бегам од светот на експериментот и се враќам кон традицијата за да повторно разберам што се денешнината и иднината.
Дали можеш да споделиш некоја интересна случка или момент од создавањето на „Афро Гитано“ што не е видлив за публиката, но ја дефинира суштината на албумот?
Китановски: Целиот процес беше навистина долг. Албумот беше сниман за време на пандемијата на три континенти и во шест земји (Конго, Канада, Франција, Италија, Австрија и Македонија). Еден ден, беше готов и сакаа да го издадат реномирани куќи… но јас не бев до крај сигурен дека сум задоволен од резултатот. Потоа го запознав Баба, го повикав Гоце и почнав одново! Сега е токму тоа што го замислував, или барем една добра верзија – при секој настап во живо се менува и еволуира, често додаваме и нови песни што се раѓаат во моментот додека сме на сцена. Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата ѝ се нафрламе како мала глутница.
Интересен е и начинот на кој се комуницираше со многубројните учесници при снимањето на проектот. Со Баба измисливме јазик што е мешавина од сите јазици што ги знае тој и што ги знам јас, бидејќи, освен музичкиот, нема јазик што и двајцата го знаеме! Нашето есперанто е каша од француски, англиски, бамбара, италијански, германски, лингала и описно мавтање со раце. Сето ова често е мошне забавно, па се тркаламе од смеење.

Во време кога музичката индустрија често бара трендови, „Афро Гитано“ делува како чин на автентичност и слобода. Дали мислиш дека автентичноста сè уште може да биде комерцијално успешна?
Китановски: Уф, овој проблем ме мачи секаде освен во Америка и Британија, каде што оригиналниот пристап се вреднува над сѐ. Затоа и решив да го издадам албумот за лондонска куќа. Секако дека автентичноста може да биде комерцијално успешна, но такви примери се неверојатно ретки и не можеш да ги предвидиш. Важно е да се има на ум дека музиката, како уметност, нема врска со музичкиот бизнис. Втора работа, ако сакаш да бидеш запазен на светскиот пазар, мораш да понудиш нешто поквалитетно и поуникатно од сѐ што таму постои, и само тогаш портата ќе се подотвори.
Што би сакал публиката во Јавна соба да почувствува или да го понесе со себе по концертот?
Китановски: Сакам да си поминат многу убаво, да се изнаиграат (ако им се игра) без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар.






