вторник, 12 мај 2026

Бивш шеф на НАТО промовира создавање нов сојуз на демократски држави

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, се залага за нов сојуз на демократски земји што, ако треба, би можел да им се спротивстави и на Соединетите Американски Држави.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На Демократскиот самит во Копенхаген, Расмусен денес изјави дека отсекогаш им се восхитувал на Соединетите Американски Држави и ги сметал за природен лидер на слободниот свет. Сепак, додаде тој, сега изгледа дека американскиот претседател Доналд Трамп ја повлекува својата земја од таа улога.

„Затоа ни е потребен нов лидер на слободниот свет“, изјави Расмусен за мрежата новински агенции Алијанса за демократски вести.

Покрај Европската Унија, Велика Британија, Јапонија и Канада, Расмусен како пожелни членки на новата алијанса ги гледа и Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Тој рече дека новиот сојуз би можел да се вика Д7, по примерот на постојната Г7 (Група 7) на водечките западни индустриски земји, при што буквата Д би означувала демократија.

„Ако работиме заедно, ако ги здружиме силите и настапиме со единствен фронт, тогаш сме застрашувачка сила“, рече Расмусен, кој беше премиер на Данска од 2001 до 2009 година, пред да стане генерален секретар на НАТО (2009–2014).

Расмусен изјави дека ако новиот сојуз биде изложен на економски притисок и заеднички одговори на него, тоа ќе обезбеди почит во Пекинг или, ако дојде до најлошото, и во Вашингтон.

Со таа цел, во рамките на сојузот Д7 би можел да се формулира економски член 5, заснован врз клаузулата на НАТО за заемна помош, според која економски напад врз една членка би се сметал за напад врз сите.

Поконкретно, продемократската алијанса би требало, на пример, да дефинира меѓународни норми и стандарди за употребата на новите технологии и намалување на зависноста во снабдувањето со суровини, рече Расмусен, додавајќи дека би било важно заеднички да се инвестира во земјите од Глобалниот Југ за да се создаде алтернатива на кинеските инвестиции.

„Секако, во еден таков сојуз заканите меѓусебно би биле неприфатливи“, рече поранешниот генерален секретар на НАТО во Копенхаген, алудирајќи на спорот меѓу Соединетите Американски Држави и Данска околу Гренланд.

Според него, таквото однесување им штети на демократиите во светот и единствено им служи на интересите на автократите како рускиот претседател Владимир Путин.

„Во овој момент мојата најголема грижа е непредвидливото однесување на администрацијата на Трамп“, изјави Расмусен на Демократскиот самит во Копенхаген.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ