вторник, 12 мај 2026

Милошоски: Обвинителот Абази, кадар на Филипче, Заев и Ахмети, ја запре истрагата за сомнителниот мазут вреден 167 милиони евра

Шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој одработува за Филипче, Заев и Ахмети, односно за СДС и ДУИ, донесе контраверзна наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, вреден 167 милиони евра, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

Целата јавност во овој скандалозен случај, виде перење на пари, криминал  и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо. Постапката е запрена. Бегалецот е слободен. Довербата во правосудството од 2 проценти, со обвинители како Ислам Абази ќе падне и на 1 процент.
Пред неколку часа дознавме дека постапката против Васко Ковачевски и другите, за набавка на мазут е запрена. Обвинителството вели дека немале докази, но зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата?
Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен. И наместо тоа да биде дополнителна индиција и мотив Обвинителството да го води овој случај, за  обвинителот Абази тоа стана решение да го затвори овој случај. Нема присутен обвинет, нема водење на постапка, особено не ако припаѓаат на спонозорите на Ислам Абази.
Ова е трагичната шема по која работат остатоците од власта на СДС и ДУИ во судството и обвинителството.
Да потсетиме дека Антикорупциската комисија утврди дека на фирмата РКМ ѝ биле платени повеќе пари за помалку доставен мазут. Дури 18 илјади тони помалку мазут е скапо наплатен. Парите отишле во нечии џебови, а мазутот не дошол. Дали дел од тие пари отишле кај менторите на Ислам Абази како обвинител?
Сега ни кажуваат дека нема штета. Дека сè било законски исклучок. Дека енергетската криза оправдувала секаква постапка. Но ниту една енергетска криза не оправдува анекси кои менуваат услови во корист на ист добавувач и плаќање на недоставен мазут.
Денес поставуваме три прашања за кои очекуваме одговор:
Прво, зошто Ислам Абази одлучи да ја запре оваа постапка и врз основа на чија проценка? Дали проценката е правна или лукративна?
Второ, зошто запирањето дојде токму сега, додека Ковачевски е надвор од земјата и е недостапен за органите на прогонот?
И трето, дали некој воопшто го побарал сведочењето на сите засегнати страни пред да се донесе оваа контраверзна и лукративна одлука?
Ковачевски треба да се врати. Да одговара. Ако е невин, нека го докаже тоа пред судовите, а не преку бегство и лукративно затворање на овој предметот.
Ние нема да го затвориме овој случај само затоа што Ислам Абази одлучи на контроверзен начин да го затвори ова досие.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, веднаш да поднесе оставка, и да ја остави работата на професионалците, коишто поради таквите обвинители како него, не можат да дојдат до израз во правосудството“, изјави Милошоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ