Руте по средбата со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ кажа дека Црна Гора продолжува активно да го промовира мирот низ целиот Балкан, „регион кој е стратегиски важен за НАТО алијансата“.
„Додека Русија ја продолжува својата агресивна војна, а Кина станува сè поприсутна, клучно е сојузниците да инвестираат во својата безбедност за да се спротивстават на малигните влијанија. Ѝ благодарам на Црна Гора за нејзината континуирана помош на Украина – сите мора да направиме повеќе“, смета Руте.
„Што се однесува до иднината на НАТО, охрабрен сум. Колективно одлучивме да ги зголемиме средствата за одбрана на пет проценти. Важно е да инвестираме повеќе за сопствената одбрана. НАТО е исклучително силен во моментов“, нагласи Руте.
Двајцата функционери се согласија дека претстојниот самит на НАТО во Анкара, кој се одржува за неколку недели, ќе биде клучна платформа за демонстрирање на единството на западниот воен пакт.
Црногорскиот премиер Спајиќ изјави дека инвестициите на земјата во војската допрва почнуваат, а во јуни најави и меѓудржавен договор со Соединетите Американски Држави.
„Големи денови ја очекуваат војската на Црна Гора и затоа мислам дека ќе бидеме многу подобра и попродуктивна членка на НАТО“, истакна Спајиќ.
Тој нагласи дека Црна Гора е Западен Балкан во минијатура, што ѝ помага да биде кохезивен фактор во регионот.
„Немаме етничко мнозинство, можеби сме единствената земја во Европа без етничко мнозинство, но тоа не е наша слабост, тоа е нашата сила. Од таа позиција, можеме значително да придонесеме за Западен Балкан, смирувајќи ја ситуацијата, поврзувајќи се едни со други и подобро разбирајќи се. Се обидуваме да бидеме кохезивен партнер кој поврзува“, нагласи Спајиќ.
За време на посетата на Црна Гора, Руте ќе се сретне и со претседателот на таа земја, Јаков Милатовиќ, и ќе одговара на прашања на студенти на црногорскиот државен универзитет.






