вторник, 21 јули 2026

Вработен на Универзитетот во Тетово ги земал парите од студентите и изработувал лажни потврди

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против службено лице вработено на Меѓународниот универзитет во Тетово, кое извршувало работни задачи како административен службеник – виш соработник за логистика и теренско работење, поради постоење основи на сомнение дека сторило кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 и фалсификување исправа од член 378 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Прес-службата на УФП денеска соопшти дека пријавениот А. З., како вработен на Меѓународниот универзитет во Тетово, во периодот од март 2020 година до февруари 2023 година ја злоупотребил својата службена положба и овластувањата со намера да прибави противправна имотна корист за себе на начин што, искористувајќи ја својата службена позиција, наместо паричните средства што во готовина му биле доверени од студентите на Природно-математичкиот факултет (прв и втор циклус), Факултетот за физичка култура и Факултетот за медицина да ги уплати на сметката на Универзитетот преку веб-апликацијата Е-pay (www.epay.unite.edu.mk) врз основа на партиципација, кофинансирање и други трошоци за студирање, тој ги присвоил за себе, при што противправно стекнал имотна корист во вкупен износ од 3.362.272 денари, а за истиот износ му причинил штета на буџетот на Универзитетот во Тетово.

„Со цел да го прикрие присвојувањето на паричните средства и трагите од стореното кривично дело, пријавениот изработувал фалсификувани потврди за наводно извршени уплати преку апликацијата Е-pay, кои им ги предавал на студентите како доказ за извршена уплата. За нивната изработка искористил податоци, вклучително и QR-код, од автентична потврда за извршена уплата преку Е-pay со банкарска картичка на сестра му по што со измена на податоците за уплаќачот, износот и датумот на уплата ја преправал потврдата и така фалсификуваните потврди им ги доставувал на студентите. Студентите, верувајќи дека уплатата е извршена, ги прикачувале потврдите како прилог (attachment) во електронскиот систем и истовремено ги доставувале до студентската служба како доказ за извршена уплата“, информира Управата за финансиска полиција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ