четврток, 26 март 2026

Зеленски: Земјите на НАТО требаше да соборат руски авиони и беспилотни летала

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека е убеден оти земјите-членки на НАТО требало да ги соборат сите руски беспилотни летала и авиони кои го нападнале нивниот воздушен простор.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за Аксиос, непосредно пред да го напушти Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк и да се врати во Киев, Зеленски рече дека досегашниот одговор на членките на НАТО на упадот на руските беспилотни летала и авиони, и нарушувањето на воздушниот простор во Полска и Романија, како и на инцидентите со беспилотни летала во Данска и Норвешка, е слаб и недоволен, пренесува Укринформ.

„Да. Мислам дека е така. Реакцијата беше слаба. Затоа тој (рускиот претседател Владимир Путин) продолжи со други земји“, изјави Зеленски.

Тој се согласи со ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека членките на НАТО треба да соборуваат беспилотни летала и руски авиони.

„Требаше да соборат сè. Ако некој на ваша земја ги убива вашите луѓе, мора да одговорите на тоа лице. Ако авионите се во вашиот воздушен простор, мора да ги блокирате“, нагласи украинскиот претседател.

На прашањето дали верува дека земјите од НАТО се плашат да го направат тоа поради ризикот од руски одговор, Зеленски одговори дека тие се претежно исплашени.

„Секако, познавам некои лидери кои не се плашат, но повеќето земји се плашат. Тие се плашат и мислам дека се во право, бидејќи Русија е луда“, рече Зеленски.

Полската војска собори беспилотни летала што влегоа во полскиот воздушен простор ноќта на 10 септември, кога полскиот премиер Доналд Туск рече дека сојузниците на НАТО се справуваат со „провокација од големи размери“ од Москва.

На 13 септември руското беспилотно летало влезе на романска територија на оддалеченост од околу десет километри и остана во воздушниот простор на земјата околу 50 минути.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ