вторник, 5 мај 2026

Зеленски објави снимки од најновите напади врз Русија со ракети со долг дострел (ВИДЕО)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Украина нападнала воено-индустриски цели длабоко во Русија со крстосувачки ракети со долг дострел „фламинго“. Фабриката во Чебоксари, на повеќе од 1.500 километри од украинската граница, била погодена во нападот. Зеленски, исто така, објави видео од нападот, наведувајќи дека станува збор за операција „Длабок удар“ од страна на украинските вооружени сили. Овие тврдења не се независно потврдени.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Погодениот објект во Чебоксари, главниот град на руската република Чувашија, е официјално позната како ВНИИР-Прогрес. Според Зеленски, таму се произведуваат системи за релејна заштита, опрема за автоматизација и навигациски компоненти кои ги користат руската морнарица, авијацијата, ракетната индустрија и оклопните возила.

Според порталот Дифенс експрес, фабриката била зајакната со метални заштитни конструкции против напади со беспилотни летала, но овие мерки очигледно не го спречиле нападот. Објектот се смета за воена цел со висока вредност поради производството на електронски компоненти за руските оружени системи, вклучително и опрема за сателитска навигација. Обемот на штетата сè уште не е независно потврден.

Украинскиот претседател ги опиша нападите како одговор на тековните руски напади. „Ова се системи кои Русија ги користи во својата војна против Украина“, кажа Зеленски. Тој додаде дека капацитетите за долг дострел на Украина ќе продолжат да се користат против воени цели и во исто време ја повика Русија да ја оконча војната и да се вклучи во „вистинска дипломатија“.

Дури и пред постот на Зеленски, се шпекулираше дека во нападот биле користени ракети ФП-5 „фламинго“. Ракетата, која ја развила компанијата Фајр поинт, првпат јавно ја претстави Украина во 2025 година.

Дизајнирана е за таргетирање цели со висока вредност, како што се воено-индустриските објекти и енергетската инфраструктура. Нејзиниот наведен дострел е до 3.000 километри, а носи боева глава со тежина од 1.100 до 1.150 килограми, со брзина до 900 км/ч.

Пред овој напад, една од последните регистрирани употреби на ракетата „фламинго“ била на 28 март, кога била гаѓана руска фабрика за експлозиви во регионот Самара.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ