вторник, 5 мај 2026

Поранешна советничка на Трамп: Со него е опасно лесно да се манипулира (ВИДЕО)

Фиона Хил, поранешна советничка во Белата куќа и една од водечките експерти за Русија, во своето неодамнешно интервју презентираше нималку позитивна анализа на психологијата и постапките на американскиот претседател Доналд Трамп. Хил тврди дека Трамп не гледа никого во своето опкружување кој би му бил рамноправен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Трамп има многу малку еднакви на себе во својот ум“, кажа Хил. „Автократите со кои се споредува се Путин и Си, а тој е исто така фиксиран на монархијата затоа што таа носи глобално признание и статус. Тој сака да стои на самиот врв на истата таа вертикала на моќта“.

Таа особено се осврна на руското влијание, објаснувајќи дека главната алатка на рускиот претседател Владимир Путин за манипулирање со неговиот американски колега не е нужно класичниот „компромат“ – рускиот термин за компромитирачки материјал кој се користи за уцена или дискредитација на јавни личности.

„Она што Путин го има кај Трамп не е нужно „компромат“. Тоа е нешто што Трамп го цени подеднакво: почит, пофалба и признание“, забележа Хил. Таа додаде дека „добриот офицер на КГБ бара слабост и ја експлоатира, а потребата на Трамп за ласкање е токму таков вид ранливост“.

Хил предупредува дека американскиот претседател е исклучително подложен на надворешни влијанија поради неговата склоност на алтернативни факти.

„Трамп е длабоко склон на теории на заговор и прифаќање на пропаганда. За време на првата администрација, тој повторуваше работи кои беа јасно руски тези“, кажа Хил и појасни: „Русите го засилуваат ова затоа што знаат дека тој е подложен на верување во нив и нивно ширење“.

Според неа, токму овој тип на личност го прави Трамп идеална алатка за остварување на руските интереси, без оглед на неговите намери.

„Така Трамп станува адут, свесно или несвесно. Путин го храни со она што сака да го чуе, а Трамп го апсорбира“, заклучи Хил. Таа, исто така, изјави дека тој „сака теории на заговор, сака да работи во истата сфера на дезинформации и е опасно лесен за манипулирање“.

Фиона Хил е британско-американски експерт за надворешна политика и виш соработник во Институтот Брукингс, со искуство во работата во администрациите на Џорџ В. Буш, Барак Обама и Доналд Трамп. Во Советот за национална безбедност за време на мандатот на Трамп, таа ја вршела функцијата виш директор за Европа и Русија, додека претходно била службеник за национално разузнавање за Русија и Евроазија.

Таа стана позната на пошироката јавност во 2019 година како клучен сведок во првата постапка за импичмент против Доналд Трамп, кога сведочеше пред конгресниот комитет за постоењето на паралелни канали на надворешна политика кон Украина и предупреди на опасноста од ширење на руски пропагандни наративи во рамките на американските институции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ