недела, 8 февруари 2026

Зеленски: Апсолутно е невозможно да се сретнам со Путин во Москва, тој нека дојде во Киев

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека за него е апсолутно неприфатливо да се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, во Москва, но дека јавно го повикува Путин, ако се осмели, да дојде во Киев на разговори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Апсолутно е невозможно да се сретнам со Путин во Москва. И јас можам него да го поканам во Киев – нека дојде. Еве, јавно го повикувам, ако се осмели, да дојде во Киев“, изјави Володимир Зеленски, за време на брифинг со новинари, алудирајќи дека Путин се обидува да избегне директни разговори лице в лице.

Украина претходно соопшти дека е отворена за средба меѓу Путин и Зеленски за да се разговара за две клучни прашања во тековниот мировен процес предводен од Соединетите Американски Држави: територијалните прашања и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.

„Но, ако некој не сака да се сретне, од некоја причина, и ако не може тоа директно да го каже, тогаш се појавуваат вакви повици од Москва. Јасно е што се случува“, рече Зеленски.

Тој додаде дека секогаш е подготвен за каков било формат на разговори што би довеле до крај на војната, но дека е невозможно тие да се одржат во Москва или во Белорусија.

„Апсолутно е јасно зошто – едната држава е агресор што ја започна војната против нас, нè убива, а другата држава ѝ е партнер во тие активности“, нагласи Зеленски.

Претходно, шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин лице в лице, со цел да се решат две клучни прашања за рамката на мирот – териториите и управувањето со нуклеарната централа Запорожје. На тоа одговори помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, кој рече дека Зеленски може да допатува во Москва.

Двајцата лидери немаат одржано директни разговори лице в лице од почетокот на војната, а последен пат се сретнаа во рамките на преговорите во форматот Нормандија во 2019 година. Минатата година, Путин го одби предлогот на Зеленски за разговори во Турција и наместо тоа го покани украинскиот претседател во Москва – понуда што Зеленски веднаш ја одби.

„Сериозни сме во врска со потребата да ѝ се стави крај на војната. Секој реален формат за средба на лидерите е прифатлив“, изјави Зеленски.

Последната рунда мировни разговори меѓу украински, руски и американски претставници се одржа во Абу Даби на 23 и 24 јануари, при што специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави, Стив Виткоф, ги опиша разговорите како „мoшне конструктивни“.

Преговорите требаше да продолжат на истото место на 1 февруари, но Зеленски не ја исклучи можноста следната рунда да биде одложена.

„Не знам кога ќе биде следната средба“, рече претседателот, додавајќи дека датумот и локацијата може да се променат поради „ситуацијата со Соединетите Американски Држави и Иран“.

Последниве денови повторно се засилија тензиите на Блискиот Исток, откако американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, повторно ја разгледува можноста за напади врз Иран по неколкунеделното насилно задушување на антирежимските протести.

Зеленски се осврна и на наводната еднонеделна пауза во воздушните напади што Трамп ја најави, а Кремљ ја потврди.

Според украинскиот лидер, немало директен договор меѓу Киев и Москва за запирање на нападите врз енергетските објекти, но тој вети дека Украина е подготвена да се воздржи од напади доколку и Русија го стори истото.

„Мислам дека ова е одговорот што го очекуваше посредникот во овие преговори, а тоа се Соединетите Американски Држави“, додаде Зеленски.

Во текот на оваа зима, Русија ги интензивираше нападите врз украинската електроенергетска мрежа, предизвикувајќи една од најсериозните енергетски кризи за време на војната и доведувајќи до прогласување вонредна состојба.

Паузата во руските напади – под услов и Украина да се воздржи од напади врз руските нафтени рафинерии и танкери – наводно била тема на разговор и за време на трилатералната средба во Абу Даби.

Зеленски за ЕУ: Не се споредуваме со нашите балкански пријатели, тие не се во војна и немаат непријатели што ќе им го блокираат членството

Говорејќи за евентуалното забрзано членство на Украина во Европската Унија, Зеленски оцени дека тоа е реалистично сценарио и дека Европската Унија претставува безбедносна гаранција за иднината на земјата.

Тоа е егзистенцијален избор, не само од геополитички и економски причини, туку и од вредносни, истакна украинскиот лидер.

„Она што нас нè интересира е забрзаниот пат. Ако се споредиме со други земји, нашите соседи и нашите пријатели од Балканот, кои со право се кандидати и ќе бидат дел од Европската Унија – тие не се во војна и немаат непријателска војска на своите граници, или на европските граници, што би го блокирала нивното членство во иднина“, рече Зеленски.

Според него, Русија би го блокирала членството на Украина во Европската Унија и во време на мир, бидејќи тоа веќе го правела.

„Во нивен интерес е Украина да не биде ниту во Европската Унија, ниту во НАТО. Тоа би била хибридна војна против пристапувањето на Украина во Европската Унија“, заклучи Зеленски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ