среда, 9 јули 2025

Владата на Мали ги презема напуштените рудници на злато, се врти кон Русија

Владата на Мали објави дека го завршила преземањето на напуштените рудници за злато Јатела и Морила, надоврзувајќи се на серијата потези на западноафриканските земји за преземање контрола врз своите природни ресурси и искористување на високите цени на стоките за поттикнување на економскиот раст.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Воените лидери на Мали, кои ја презедоа власта со државни удари во 2020 и 2021 година, минатата година објавија национализација на напуштените рудници.

Воената влада ги стави странските рударски компании под притисок преку зголемени даноци, изменети договори, построги регулативи и вртење кон инвестиции од Русија.

Мали произведува околу 65 тони злато годишно и е втор меѓу најголемите африкански производители. Цените на златото постојано растат оваа година, поттикнати од пошироката геополитичка неизвесност. Но, резервите на злато на Мали досега се покажаа како тешки за експлоатација, забележува Ројтерс.

Рудникот Јатела во западниот малински регион Кајес е напуштен во 2016 година откако компанијата за истражување Садиола, заеднички проект на јужноафриканската Англоголд Ашанти и канадската Иамголд, одлучи дека поради тогашните ниски цени на златото, екстракцијата не е исплатлива, и покрај неискористените резерви.

Рудникот Морила во јужниот регион на Мали Сикасо беше напуштен во 2022 година од австралиската компанија Фајерфинч, која го купи од рударските гиганти Барик мајнинг и Англоголд Ашанти. Со напуштањето на рудникот Фајерфинч остави зад себе „значајни еколошки и финансиски ризици“, соопшти владата на Мали во соопштение објавено за време на викендот.

Рударските операции ќе ги рестартира новоформираното Друштво за истражување и експлоатација на минерални ресурси на Мали (СЕМОС), објави владата, без да даде детали за управувањето и финансирањето на организацијата.

Извлекувањето на вредност од рудниците Јатела и Морила дополнително ќе ги комплицира истовремените настојувања на владата за повторно отворање на рударскиот комплекс Луло-Гункото, кој претходно го управуваше канадската компанија Барик мајнинг.

Судот го стави комплексот под државна контрола минатиот месец откако ескалираше долготрајниот спор околу даноците и сопственоста. Соседен Нигер пред десет дена објави дека планира да национализира рудник за ураниум и да ја преземе сопственоста на француската државна компанија Орано, додека Буркина Фасо национализираше пет рудници за злато во мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ