На прво место, новиот позаразен сој омикрон. Луѓето имаат поголема веројатност да се заразат, иако генерално немаат тешка форма на инфекција. Низ светот се случува нов бран на зарази и затоа што многу се патуваше за празниците.
Луѓето може погрешно да мислат дека вакцините против ковид-19 целосно ќе ја спречат инфекцијата, но вакцините главно се создадени да спречат тешки болести, вели Луис Мански, истражувач на вируси на Универзитетот во Минесота, пренесува АП.
Исто така, вакцините не штитат целосно од инфекција, но го спречуваат развојот на посериозна болест.
Во таа смисла, засилувачките вакцини се покажаа особено ефикасни.
Две дози од Фајзер или Модерна, како и една доза од вакцината Џонсон и Џонсон, даваат одреден степен заштита од потешко заболување од омикрон, но не штитат доволно од самото заразување. Третата доза, пак, го зголемува нивото на антитела и ја зајакнува и заштитата од заразување, вели АП.
Досегашните податоци покажуваат дека омикрон се размножува многу побрзо од претходните варијанти. Ако заразените луѓе носат поголемо количество од вирусот, поголема е веројатноста да му го пренесат на некого – особено на оние што не се вакцинирани.
Вакцинираните луѓе што ќе се заразат добиваат благи или никакви симптоми, додека невакцинираните луѓе и од омикрон може потешко да заболат.
Лекарите и понатаму ги советуваат сите да носат маски во затворени простории и да избегнуваат масовни собири, како и да се вакцинираат и да земат засилувачка доза.
Иако вакцините не штитат 100% од инфекција, тие се со поголема веројатност да штитат од хоспитализација и смрт.






