вторник, 21 јули 2026

Зеленски под силен притисок: Петти ден не стивнуваат протестите поради смената на младиот министер

Претседателот Володимир Зеленски се соочува со една од најсериозните политички кризи од почетокот на руската инвазија поради протестите против смената на министерот за одбрана Михајло Федоров.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Протестите во Киев траат веќе петти ден, а ги поттикна смената на популарниот министер, кој често влегуваше во судири со воениот врв околу модернизацијата на армијата. Тоа се најдолгите непрекинати протести директно поврзани со војната, пишува Киев пост.

Илјадници луѓе минатата недела се собраа во главниот град, носејќи импровизирани транспаренти и пеејќи ја националната химна. Во понеделникот повторно се собраа стотици демонстранти, иако одѕивот беше помал по руските напади во текот на викендот. Анастасија Стародубцева (25) порача дека таа и другите демонстранти ќе останат на улиците „додека нешто не се промени“.

„Можете да прашате кого било овде – ние не си одиме“, изјави таа за АФП.

Зеленски со денови одржува состаноци со клучни советници и воени команданти и се обидува да најде решение што би ги задоволило сите страни и би спречило продлабочување на поделбите додека трае војната.

Според украинските медиуми и проценките на аналитичарите, се разговара за враќање на Федоров на функцијата, но и за судбината на врховниот командант Олександар Сирски, чија позиција станува сè понесигурна. Портпаролот на претседателството во понеделникот изјави дека одлука сè уште не се очекува.

Протестите започнаа спонтано во четвртокот наутро како поддршка за Федоров, младиот министер кој се залагаше за технолошка модернизација на вооружените сили, на што воениот врв често се спротивставуваше.

„Ситуацијата несомнено е сериозна, гледаме дека списокот со барања расте“, изјави Олександар Салиженко, експерт од движењето „Чесно“.

Федоров на подоцнежната, многу остра прес-конференција изјави дека Сирски му поставил ултиматум на Зеленски и така ја изнудил неговата смена. Потоа Федоров побара смена на Сирски, а неговите поддржувачи се организираа на социјалните мрежи и на улиците, сè погласно извикувајќи: „Сирски, оди си!“

На протестите во Киев и Стародубцева бара смена на Сирски, кого го смета за одговорен за смртта на нејзиниот сопруг. „Бараме одговори, но не ги добиваме“, рече таа.

Во меѓувреме, Сирски во украинскиот медиум „Милитарни“ објави редок и опширен текст во кој одговори на критиките.

Тој негираше дека поставил ултиматум и порача дека е фокусиран на победа во војната.

„Мојата работа е војната. Стратегијата, фронтот, луѓето. Тоа е она што го работам и што ќе продолжам да го работам“, изјави тој.

И покрај тоа, сè погласни се повиците Зеленски да го смени.

Аналитичарот Анатолиј Октисјук смета дека Сирски станал заложник на ситуацијата.

„Колку подолго Зеленски го задржува Сирски на функцијата, толку подлабок станува општествениот и политичкиот конфликт“, оцени тој.

Соломија Бобровска, опозициска пратеничка во парламентарниот одбор за одбрана, потврди дека се одржуваат состаноци за можна замена на Сирски, но предупреди дека ситуацијата брзо се менува.

Зеленски последните денови одржува серија состаноци со военото раководство и повикува на единство.

„Тој бара опција што би покажала промена во воениот врв, а истовремено би била слична на Сирски: лојална личност, без политички амбиции и со почитување во армијата“, изјави политичкиот аналитичар Володимир Фесенко.

Ситуацијата дополнително ја усложнува и фрустрацијата на дел од воените команданти.

„Особено болно е да се слушаат категорични осуди од луѓе кои никогаш не издавале борбени наредби ниту преземале одговорност за животите на војниците“, изјави командантот Олег Апостол.

Дури и ако се постигне компромис околу статусот на врховниот командант, иднината на Федоров останува чувствителна тема. Поради кризата, Федоров стана симбол за сите оние кои бараат реформи во армијата.

„Ситуацијата на улиците почнува да станува нездрава“, изјави пратеничката Бобровска. „Претседателот и Федоров мора заедно да најдат начин да го решат ова.“

Во Киев, Стародубцева ги гледа протестите како доказ за демократијата.

„Ова покажува дека ни е важно. Ние не сме Русија, нема да молчиме“, рече таа, а потоа им се придружи на демонстрантите кои извикуваа: „Ние сме една, обединета Украина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ