Министерството соопшти дека вчера имало 11.978 позитивни теста, со што е соборен претходниот рекорд од 11.344 случаи од 2 септември минатата година.
Само 125 тешки случаи на скоро 60.000 заразени
Во моментов има скоро 60.000 заразени во Израел, но вкупниот број на сериозни случаи во средата беше само 125, соопшти Министерството. На респиратор се 38 лица, а во вторникот починаа двајца пациенти, обајцата невакцинирани, пишува Хаарец.
Скоро 4,3 од 9,4 милиони луѓе во Израел примиле три дози вакцина. Властите во последните денови почнаа да им даваат четврта доза на ризичните групи.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет во вторникот најави континуиран раст на бројот на случаите и ги повика жителите да се вакцинираат.
„Бранот сега се зголемува и очекуваме да имаме десетици илјади потврдени случаи во следните неколку дена“, рече тој за време на посетата на болница во централен Израел.
„Добрата вест е дека вакцините дејствуваат, така што секој што ќе се вакцинира и правилно ќе носи маска веројатно нема сериозно да се разболи и болеста ќе помине за неколку дена.“
Израел официјално има 1,4 милиони случаи на инфекција со ковид-19 од почетокот на пандемијата, а 8.247 луѓе починаа.
Израелскиот министер за здравство Ницан Хоровиц во средата објави дека од петок ќе важат нови правила за тестирање. Израелците помлади од 60 години што биле во контакт со заразени од тој ден ќе може да се тестираат со брз тест дома за да ги избегнат гужвите за ПЦР-тестирање и да им ги препуштат тие тестови на луѓето над 60 години и групите со висок ризик, пишува Хаарец.






