Со цел да се справи со премногу туристи, Венеција сака да го забележи секое лице што стапнало во градот.
Со помош на 468 надзорни видео камери, оптички сензори и системи за следење на мобилни телефони, тие можат да ги разликуваат жителите од посетителите, Италијанците од странците, да видат од каде доаѓаат луѓето, каде одат и колку брзо се движат, пишува Ројтерс.
На секои 15 минути, властите добиваат информации за тоа колку е исполнет градот, како и колку гондоли се движат по Големиот канал или дали морето се издига до опасно ниво.
Еден месец откако на крузерите им е забранет влез во лагуната, градските власти планираат да побараат од туристите да резервираат посета преку апликација и да им наплатат на еднодневните посетители од 3 до 10 евра за влез во градот, во зависност од сезоната.
Ќе се контролира колку луѓе има во Венеција и, доколку ги има премногу, нови посетители нема да можат да влезат.
Градоначалникот на Венеција Луиџи Бругнаро рече дека неговата цел е одржлив туризам во градот, кој годишно го посетуваат 25 милиони луѓе. Тој признава дека новите правила тешко ќе се спроведат.
„Очекувам протести, тужби, сешто… но имам обврска да го направам овој град погоден за живот на неговите жители, како и поднослив за оние кои сакаат да го посетат“, рече тој во неделата пред новинарите.
Потенцијалните посетители се скептични.
Бругнаро рече дека властите сè уште треба да одлучат што значи премногу луѓе и кога новите правила ќе стапат на сила. Тие очекуваат дека тоа би можело да биде помеѓу следното лето и 2023 година.
Шемата, веќе дискутирана во 2019 година, е одложена поради пандемијата на коронавирус.
За време на блокадата минатата година, жителите на Венеција можеа да уживаат во тесните улици без орди туристи, а морето во лагуната стана чисто бидејќи по него не пловеа моторни чамци. Но, со враќањето на гостите оваа година, на службениците уште еднаш им стана јасно дека Венеција, поради сопственото опстанување, не смее да не знае колку луѓе има во градот.
„Постои физички лимит за бројот на луѓе кои можат да бидат истовремено во градот“, рече Марко Бетини, извршен директор на Венис, ИТ компанијата која стои зад системот за следење, во партнерство со телеоператорот ТИМ.
„Не сакаме никого да оставиме или да им оневозможиме на луѓето да доаѓаат во Венеција. Сакаме луѓето да резервираат, да ни кажат каде сакаат да одат, што сакаат да посетат, за да обезбедиме подобар квалитет на услугата”, рече тој.
Бругнаро ја отфрли загриженоста околу приватноста, но неговата порака е јасна: со контролирање на бројот на туристи кои доаѓаат, бараме и пристојно да се однесуваат. „Не можете да дојдете во костим за капење. Не можете да скокате од мост или да се опиете. Кој и да дојде мора да го почитува градот“.
Во Венеција, која денес има 55.000 жители, за разлика од 1950-тите, кога имаше 175.000, планот на Бругнаро е причина за жестока дебата, бидејќи некои стравуваат дека туристи со пониски финансии ќе се откажат од доаѓање. Други го поддржуваат планот на градоначалникот.
„Тука сум 30 години и порано беше поинаку. Некогаш, Венеција беше навистина романтична“, вели Стефано Верати, кој продава мурано стакло и не сака еднодневни туристи.
„Сега само брзаат да купат ќебап, да направат селфи на мостот Риалто и потоа повторно да го фатат возот. Не знам дали овие луѓе навистина уживаат“.






