„Пекинг продолжува да врши притисок и да заплашува и да го присвојува поголемиот дел од Јужното Кинеско Море“, кажа денес Харис во Сингапур во говор во кој детално ги опиша надворешнополитичките цели на американската влада во Азија.
Според неа, постапките на Пекинг продолжуваат да го поткопуваат меѓународниот поредок заснован на законите, и го загрозуваат суверенитетот на другите нации.
Пекинг смета дека целото Јужно Кинеско Море е дел од кинеската територија, но делови од тоа море за свои ги сметаат Виетнам, Филипините, Тајван, Малезија и Брунеи.
Кина од 2013 година го забрза градењето вештачки острови, на кои гради објекти, пристаништа и писти доволно големи за бомбардери и борбени авиони.
За повлекувањето на американските војници, потпретседателката на САД кажа дека одлуката на претседателот на САД Џо Бајден е „храбра и добра“. По Сингапур, Харис отпатува во посета на Виетнам.






