понеделник, 29 јуни 2026

Трка со времето во Венецуела: Надежта за преживеани речиси исчезна, досега повеќе од 1.450 мртви (ВИДЕО)

Екипи за пребарување и спасување пристигнуваат во Венецуела, која во средата беше погодена од два речиси истовремени разорни земјотреси, но надежите дека сè уште може да се најдат преживеани во урнатините се намалуваат.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Најмалку 1.450 лица загинаа во земјотресите, според најновите податоци од официјалните лица од синоќа, пренесува Би-би-си.

Пратеникот Хорхе Родригез објави синоќа дека биле повредени 3.150 лица и дека спасувачите сега се во „критични часови“ за спасување животи. Тој рече дека 774 куќи биле урнати или оштетени од земјотресите и дека 12.712 лица биле раселени, објави Би-би-си.

Британски пожарникар во Венецуела изјави дека обично постои надеж за пронаоѓање преживеани во рок од 96 часа, но тоа заврши синоќа. Екипите сега се надеваат на „чуда“ во спасувањата, рече тој.

Се очекува бројот на жртви да се зголеми, а порталот каде што се внесуваат имињата на исчезнатите има регистрирано повеќе од 46.000 лица. Ѕидовите пред болниците во Каракас полека се полнат со слики од исчезнатите, пренесуваат новинарите од главниот град.

Вршителката на должноста претседателка Делси Родригез синоќа им соопшти на странските спасувачи дека 33 лица биле спасени во текот на викендот.

Сè уште има недостиг од машини потребни за отстранување на урнатините, и некои Венецуелци се жалат дека владата не направила доволно.

Министерството за образование објави дека сите училишта во земјата ќе останат затворени следната недела, до 6 јули. Училиштата беа затворени веднаш по земјотресот, а некои од нив беа претворени во засолништа или центри за донации.

УНИЦЕФ во неделата процени дека на 1,8 милиони граѓани им е потребна хуманитарна помош по земјотресот, вклучувајќи 680.000 деца.

Програмата за развој на ОН (УНДП), исто така, ја процени цената на директната физичка штета од земјотресот на 6,7 милијарди долари, или околу шест проценти од БДП на земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ