понеделник, 29 јуни 2026

Стоилковиќ пред заминување: Оставам средено министерство, заврши времето на „седи дома, земај плата“

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ објави на неговиот фејсбук профил дека, како што вели, пред веќе извесното заминување од функцијата остава „средено и организирано“ Министерство, со буџет намален за повеќе од три пати во споредба со 2021 година и целосно укината програмата К-5.

Објавено на

часот

Сподели

„Пред веќе извесното заминување од Министерството за односи меѓу заедниците, нека остане забележано дека од „сива зона” на системот денеска Министерствоте со нова систематизација средено и организирано го оставам на мојот наследник“, напиша министерот во неговиот отчет на фејсбук, наместо, како што вели прес-конференција.

Стоилковиќ наведува дека буџетот на Министерството е намален од 577,8 милиони денари во 2021 година на 173,5 милиони денари во 2026 година, притоа, како што тврди, без да бидат укинати програмските активности. Според него, со тоа е прекината праксата на ненаменско трошење на јавни средства.

Тој исто така истакнува дека е завршен процесот на прераспределба на административните службеници опфатени со програмата К-5, која, според него, претходно овозможувала исплата на плати на лица кои не оделе на работа.

„Ова значи кратење на средства кои претходно биле користени за т.н. ‘коруптивни’ цели и дека повеќе нема трошење пари на граѓаните за фиктивни јавни набавки, на пример, за угостителски услуги, за консултантски услуги, сомнителни договори за дело, исплата на додатоци за плата и на К-15 на лица кои не одат на работа итн…“, вели тој.

Стоилковиќ оценува дека новиот Закон за соодветна и правична застапеност, кој е во собраниска процедура, треба да обезбеди поголема професионалност, инклузивност и компетентност во јавната администрација.

„Така што во овој момент завршено е со пристапот ‘седи дома, земај плата’ и рационализиран е бројот на вработените во МОЗ. Со новиот Закон за соодветна и правична застапеност којшто е во собраниска процедура, ќе се обезбеди почитување на принципот на правична застапеност како основа за инклузивност и еднакви можности во јавниот сектор и гарантирање на стручност, компетентност и квалитет при вработувањето. Ова е од клучно значење за градењето на професионална јавна администрација, која треба да биде двигател на општествениот развој и поддржувач на реформските процеси во земјата“, вели Стоилковиќ во објавата.

Од Влен вчера најавија дека во рамки на разговорите за реконструкција на Владата, тие треба да добијат шест министерства, меѓу кои и Министерството за односи меѓу заедниците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ