петок, 24 јули 2026

Трамп ѝ се заканува на Европската Унија: Ќе платат висока цена, веднаш започнуваме истрага

Американскиот претседател Доналд Трамп најави започнување трговска истрага против Европската Унија и се закани дека ќе воведе царини поради казните што Брисел ги наметна врз американските технолошки компании.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Трамп реагираше откако Европската комисија го казни „Гугл“ со вкупно 890 милиони евра за кршење на Законот за европски дигитални пазари. Комисијата тврди дека „Гугл“ ги фаворизирал сопствените услуги во резултатите од пребарувањето и ја ограничил можноста на програмерите да ги насочуваат корисниците на „Гугл плеј“ кон други, честопати поевтини начини на купување.

„Европската Унија повторно директно ги нападна големите американски компании“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.

Тој изјави дека ЕУ претходно ги казнила „Епл“, „Мета“, „Амазон“ и голем број други американски компании, тврдејќи дека „Гугл“ досега морал да плати повеќе од 18 милијарди долари.

„Оваа нелегална и многу дискриминаторска практика нема да продолжи за време на администрацијата на Трамп. Соединетите Американски Држави не се касичка-прасе на Европа, ниту пак ќе дозволиме да станат таква“, рече тој.

Трамп објави дека неговата администрација веднаш ќе започне истрага согласно член 301 од Законот за трговија на САД за она што тој го нарече „грабеж на американски компании и американски даночни обврзници“.

„Европската Унија ќе плати многу висока цена за ова незаконско и крајно неетичко однесување. Казните ќе бидат целосно поништени, а очекуваме и воведување значителни царини во најкус можен рок“, напиша Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ