вторник, 21 јули 2026

Трамп: Жестоко го погодивме Иран во чест на убиените американски војници

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека последните напади на САД „жестоко“ го погодиле Иран и дека биле изведени „во чест“ на тројцата американски војници кои загинаа во изминатите денови.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Двајца војници беа убиени во Јордан, а еден во Ирак. Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) потврди дека започнала „нов бран“ напади, деветта ноќ по ред, додека низ Иран одекнувале експлозии, пишува Би-би-си.

САД тврдат дека целите на нападите биле воени објекти и комуникациски мрежи, со што се сака дополнително да се ослабне способноста на Техеран да напаѓа бродови во Ормускиот Теснец.

Иран соопшти дека одговорил со „ненадеен напад“ во Сирија и дека гаѓал американски авиони на аеродромот Акаба во Јордан.

Во исто време, вооружените сили на Кувајт соопштија дека пресретнале ирански беспилотни летала. Полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним објави дека во американските напади биле погодени неколку градови, меѓу кои Табриз, Чабахар, Конарек, Бандар Махшахр и Бандар Имам Хомеини.

Иранските државни медиуми известија и за експлозија на два танкери за нафта при обид да поминат низ теснецот. Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека танкерите користеле, како што наведоа, „несигурна и опасна јужна рута“ и дека „експлодирале и биле запрени“. Централната команда на САД ги оспори овие тврдења.

Од ИРГЦ додадоа дека теснецот „нема да биде безбеден за транспорт на петрохемиски производи, па дури ни на капка нафта и гас“ додека траат американските напади. Тие најавија дека ќе одговорат со „казнена операција“.

Во текот на викендот, САД потврдија дека еден војник загинал во ирански напад во северен Ирак во саботата. Ден претходно, во напад врз база во Јордан биле убиени двајца американски војници, а еден се води како исчезнат. Американската војска соопшти дека биле пронајдени „неидентификувани посмртни останки“ и дека е во тек процес на идентификација.

Додека нападите продолжуваат, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека „САД секогаш остануваат отворени за дипломатско решение“.

Воедно порача дека светот мора да одлучи дали ќе дозволи меѓународниот поморски пат да биде под контрола на Иран, истакнувајќи дека Техеран ја користи оваа клучна морска рута како средство за притисок.

Коментарите на Рубио доаѓаат во момент кога пропадна прелиминарниот договор за прекин на конфликтот, постигнат во средината на јуни. Преговорите за траен мир не напредуваат откако претседателот Трамп на 8 јули оцени дека договорот е „завршен“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ