сабота, 25 април 2026

Талибанско знаме пред гувернеровата канцеларија во Панџшир, во Кабул се скандира „смрт за талибанците“ (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Стотици Авганистанци излегоа на улиците во главниот град Кабул и во Мазар-Шариф во понеделникот, протестирајќи против владеењето на талибанците и како поддршка на движењето на отпорот во Панџшир, предводено од Ахмад Масуд, пренесуваат агенциите.

Видеата на социјалните мрежи покажуваат групи луѓе што маршираат по улиците и скандираат „смрт на талибанците, да живее Авганистан“.

Панџшир беше последниот дел од Авганистан каде што талибанците немаа целосна контрола и во него е седиштето на антиталибанското движење Национален фронт на отпорот (НРФ), кое се мобилизираше под водство на Ахмад Масуд, син на убиениот херој на антисоветскиот отпор, Ахмад Шах Масуд.

По неколкудневните интензивни борби и тешки загуби на двете страни, талибанците во понеделникот прогласија победа, додека силите на отпорот го негираа поразот.

Портпаролот на талибанското движење, Забихула Муџахид, на прес-конференција рече дека силите на отпорот дале „негативни одговори“ кога талибанците се обиделе да преговараат, додавајќи дека не се забележани цивилни жртви при преземањето на Панџшир.

Масуд објави аудиопорака со која повикува на „национално востание“ и ги обвини талибанците дека користат „странски платеници“, и вети дека НРФ ќе ја продолжи борбата.

Во моментов не е познато каде се лидерот на отпорот Масуд и Амрулах Салех, поранешниот потпретседател на Авганистан, кои се здружија со неговите сили по падот на Кабул.

Салех се прогласи за вршител на должноста откако претседателот Ашраф Гани побегна од земјата откако талибанците ја презедоа власта на 15 август.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ