Во телефонскиот разговор со украинскиот колега Дмитро Кулеба, Блинкен спомнал „можни одговори на Соединетите Држави и нивните сојузници“ на трупањето руски сили на границата со Украина, се наведува во соопштението на неговиот кабинет.
Двајцата лидери наводно разговарале за дијалогот кој почнува во понеделник со директните американско-руски разговори во Женева пред состанокот на НАТО и Русија во среда во Брисел и состанокот на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), чиј член е Киев, во четврток во Виена.
Блинкен ја потврдил „цврстата поддршка на САД на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина пред руската агресија која таму се случува“, се наведува во соопштението на американскиот Стејт департмент.
Западот и Украинците со недели ги обвинуваат Русите дека трупаат десетици илјади војници на своја територија во близина на украинската граница поради можна инвазија и отворено му се заканија на рускиот претседател Владимир Путин со „сеопфатни санкции“ какви што не се видени ако „повторно ја нападне соседната земја“.
Москва од своја страна бара гаранции дека НАТО повеќе нема да се шири на исток.






