Економијата на земјата веќе подолго време е загрозена од пандемијата на ковид-19, а иако не се пријавени епидемија на глад и социјални немири, аналитичарите очекуваат понатамошно влошување на состојбата со храната во Северна Кореја сè до есенската жетва, пишува Асошиејтед прес.
Националната разузнавачка агенција на Јужна Кореја (НИС) соопштила на состанок на парламентарните одбори зад затворени врати дека Пјонгјанг му дистрибуира ориз наменет за воена употреба на населението кое останало без храна, работниците и селските заедници, потврдија јужнокорејски парламентарци.
Според нив, НИС навела дека топлотниот бран и сушата ги уништиле оризот, пченката и другите посеви и предизвикал помор на стоката во Северна Кореја, а на оваа земја во просек ѝ се потребни околу 5,5 милиони тони храна за потребите на своите 26 милиони луѓе, но во моментов ѝ недостигаат околу милион тони.
Цената на оризот, кој е најважен во Северна Кореја, се удвоила од почетокот на оваа година, а по кратката стабилизација, во јули дошло до нов раст, додека властите се обидуваат да ја контролираат цената на житарките на кои населението е најчувствително.
Северна Кореја имаше слични проблеми со храната во изминатите години пред пандемијата, но тогаш нејзините потреби беа задоволувани со шверц на ориз и други житарки преку границата со Кина.
Постојаните затворања на северот поради пандемијата во последно време го направија исклучително тежок таквиот шверц што го влоши годинешниот недостиг од храна.
Најновата проценка на јужнокорејските разузнавачи доаѓа откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун призна дека неговата земја се соочува со „најлошата криза“ поради пандемијата и други тешкотии, па дури и можен недостиг од храна.






