Во него се наведува дека петте земји – кои се постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, сметаат дека нивна примарна одговорност е да избегнат војна меѓу нуклеарните држави и да ги намалат стратегиските ризици, а истовремено имаат цел да работат со сите земји на создавање на атмосфера на безбедност.
„Потврдуваме дека нуклеарна војна не може да се добие и дека никогаш не смее да се води“, се наведува во верзијата на соопштението на англиски јазик.
„Бидејќи употребата на нуклеарно оружје би имала далекусежни последици, ние исто така потврдуваме дека нуклеарното оружје, сè додека постои, треба да служи за одбранбени цели, да одвраќа агресија и да спречува војна“, наведува Кремљ.
Франција исто така објави соопштение, истакнувајќи дека петте сили ја повториле својата решителност за контрола на нуклеарното вооружување и разоружување.
Таканаречената група П5 се огласи во момент кога билатералните односи меѓу Соединетите Американски Држави и Москва паднаа на најниско ниво од Студената војна, а напнати се и односите на САД и Кина.
Пентагон во ноември значително ја зголеми проценката на планираниот кинески нуклеарен арсенал во следните години, соопштувајќи дека Пекинг би можел да има 700 боеви глави до 2027 и веројатно 1.000 до 2030 година.
САД повеќе пати ја повикаа Кина да им се придружи на нив и Русија во нов договор за контрола на вооружувањето.
Геополитичките тензии меѓу Москва и Западот пораснаа околу Украина. Москва порача дека ќе ја преместува својата армија на својата територија како што смета дека е потребно.
Конференцијата за Договорот за спречување на пролиферацијата на нуклеарното оружје (НПТ), која требаше да почне денес во Обединети нации, одложена е за август поради пандемијата на ковид-19.
НПТ, кој стапи на сила во 1970 година, им овозможува на потписниците да се собираат секои пет години за да ја разгледаат неговата примена. Конференцијата првично беше закажана за април 2020, но потоа беше одложена за 2022.






